Mesut Zeyrek
18 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
ХАНАУ
Пред две години, на 19 февруари 2020 година, во расистичко-терористички напад на две кафулиња во германскиот град Ханау, расистот Тобијас Ратјен уби девет цивили, меѓу кои беа четворица Турци и еден Босанец. Иако поминаа две години од нападот, болката кај семејствата на жртвите е сѐ уште свежа, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод одбележувањето на две години од нападот, утре во Ханау, 25 километри источно од Франкфурт, ќе биде одржан комеморативен собир и низа други активности по повод сеќавање на жртвите.
Учеството на комеморацијата, која ќе се одржи на гробиштата во 11:00 часот, поради мерките за Ковид-19 е ограничено на 80 лица.
На комеморацијата ќе присуствуваат германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, премиерот на Хесен, Волкер Буфиер, градоначалникот на Ханау, Клаус Камински, конзулот на Турција во Франкфурт, Ердем Тунџер и претставниците на организациите на цивилното општество.
На плоштадот „Хеумаркт“ во 14:30 часот е планиран и собир под паролата „Заедно против тероризмот, расизмот и антиисламизмот“.
Во периодот од 21:00 до 22:00 часот, односно во времето кога се случи нападот, симболично, во знак на сеќавање на жртвите ќе бидат пуштени балони.
Во џамиите во градот ќе се одржат и молитви за жртвите на масакрот, на улиците на градот планирана е прошетка против расизмот, а исто така ќе биде одржан и меморијален турнир во фудбал.
Екстремистот Тобијас Ратјен во расистички напад во Ханау во два угостителски објекти уби девет лица со имигрантско потекло. Напаѓачот потоа отиде дома и ја уби сопствената мајка, па изврши самоубиство. Во нападот се убиени Мерцедес Киерпач, Седат Гурбус, Ѓокхан Ѓултекин, Хамза Куртовиќ, Ферхат Унвар, Калојан Велков, Вили Виорел Паун, Саид Несар Хашеми и Фатих Сараџоглу.