Ayhan Şimşek
18 Февруари 2022•Ажурирај: 19 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) денес ја обвинија Русија дека распоредува дополнителни трупи на украинската граница и покрај нејзината објава за делумно нивно повлекување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на Минхенската безбедносна конференција, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека нема знаци на повлекување на руските војници.
„Напротив, гледаме дополнителни сили кои се движат кон границата, вклучително и водечките сили, кои би биле дел од нападот“, рече тој.
„Значи, ние мора да бидеме информирани за тоа, треба да бидеме исклучително внимателни“, додаде Блинкен.
Високиот американски претставник повтори дека западните земји сакаат да најдат дипломатско решение, но и дека се подготвени да одговорат со санкции доколку Русија започне воен напад врз Украина.
„Единствениот најголем извор на сила што го имаме во справувањето со овој предизвик е солидарноста“, нагласи тој.
„Мислам дека (рускиот) претседателот Путин беше малку изненаден од таа солидарност, од начинот на кој НАТО се соедини, од начинот на кој Европската Унија се соедини“, додаде Блинкен.
Москва континуирано негира дека планира инвазија на Украина и ги обвини западните земји за поткопување на безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Русија, исто така, издаде листа на безбедносни барања до Западот, кои меѓу другото содржат повлекување на распоредените војници од некои поранешни советски републики и гаранции дека Украина и Грузија нема да се приклучат кон НАТО.