Ahmet Dursun
14 Јануари 2020•Ажурирај: 15 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Врховниот суд на Иран, Гулам Хусеин Исмаили, соопшти дека се приведени околу 30 лица на демонстрациите што започнаа викендот како реакција на соборувањето на украинскиот авион, јавува Агенција Анадолија (АА).
Исмаили на прес-конференција одржана во главниот град Техеран рече дека протестите што започнаа по соборувањето на украинскиот патнички авион, кој беше соборен по „грешка“, немаат дозвола.
„Нема да толерираме целење кон националната безбедност, закана за безбедноста на народот и дејствување на странските сили“, рече Исмаили, додавајќи дека на последните настани се приведени околу 30 лица.
Авионот „боинг 737“ на украинската авиокомпанија „Украина ерлајнс“, кој требаше да лета кон Киев, падна на 8 јануари кусо по полетувањето од аеродромот „Имам Хомеини“ во Техеран. Ниту еден од 176-те патници и членови на посадата не преживеа.
Администрацијата на Техеран на почетокот негираше дека авионот е соборен од иранската Армија, но 3 дена по инцидентот, иранскиот началник на Генералштабот призна дека патничкиот авион е соборен по „грешка“.
Комеморацијата во Техеран за лицата што го загубија животот во падот на украинскиот авион, што се одржа за време на викендот, се претвори во антирежимски демонстрации.