İlker Girit
06 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Денес пратениците во Европскиот парламент со поголем број гласови ја усвоија нацрт-одлуката за суспензија на преговорите со Турција доколку земјата ги имплементира уставните реформи одобрени на априлскиот референдум, пренесува Anadolu Agency (AA).
На денешната седница на ЕП во францускиот град Стразбур, 477 пратеници гласаа за, а 64 беа против усвојувањето на нацрт-извештајот на Европската комисија за Турција.
Меѓу останатото, во одобрениот нацрт се наоѓа и препорака за прекинување на процесот за пристап на Турција во членството на Европската Унија доколку земјата го имплементира пакетот уставни реформи во форма што турските гласачи со мнозинство гласови ја одобрија на референдумот одржан на 16 април.
Препораката, која инаку нема обврзувачки карактер за ЕУ и за Турција, исто така повикува на блокирање на претпристапните преговори доколку дојде до суспензија на процесот на европска интеграција на Турција.
Турскиот министер за ЕУ, Омер Челик, претходно во текот на денешниот ден, пред средбата со европскиот комесар Јоханес Хан, изјави дека процесот за пристап на Турција во членството на ЕУ е 'рбетен столб на односите меѓу Анкара и Брисел.
Нагласувајќи ја одлучноста на Турција за продолжување на преговорите за пристап со Унијата, Челик изјави дека предлозите да се промени природата на односите меѓу двете страни се лоши и штетни.
Турција ги обнови преговорите за пристап во членство во ЕУ во 2005 година и досега успешно реализираше вкупно 35 поглавја во преговорите.
Застојот во преговорите настапи во 2007 година, поради несогласување во врска со кипарското прашање. Германија и Франција се спротивставија на полното членство на Турција во Унијата.