Aness Suheil Barghoti
17 Февруари 2019•Ажурирај: 18 Февруари 2019
РАМАЛА (АА) - Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација, Саиб Ерекат, денес ги обвини Израел и САД за барање начини за уништување на палестинската управа со седиште во Рамала, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Намерата на Израел да ги намали даночните приходи на палестинската управа е дел од израелско-американскиот план кој има за цел уништување на палестинската власт“, изјави Ерекат во интервјуто за Радио Палестина.
„Израел ќе го преземе овој чекор откако ќе се откаже од сите договори потпишани со нас“, рече Ерекат.
Тој додаде дека егзекуциите на терен и интензивирањето на изградбата на (еврејските) населби, како и уривањето на куќите (на Палестинците) и етничкото чистење, се дел од израелскиот план за уништување на палестинската управа“, рече тој.
Израел собира околу 175 милиони долари месечно во даноци за палестинскиот увоз и извоз во име на палестинската управа.
Даночните приходи претставуваат главен извор на приходи на палестинската управа.
Мировните преговори меѓу Палестинците и Израел, со посредство на САД, пропаднаа во 2014 година, поради одбивањето на Израел да го запре градењето населби во окупираниот Западен Брег.
Палестинската управа отфрли секакво посредство на САД во склучувањето мир, откако американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на 2017 година еднострано го призна Ерусалим како главен град на Израел.
Ерусалим останува во срцето на блискоисточниот конфликт, со надеж на Палестинците дека Источен Ерусалим (Кудс), окупиран од Израел од 1967 година, на крајот ќе стане главен град на независната палестинска држава.