Yusuf Hatip
21 Јуни 2018•Ажурирај: 22 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Нацрт-завршната декларација на мини-самитот кој в недела ќе го одржи претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, со цел да се разговара околу бегалското прашање, ја покажува паниката која ја доживува Европа околу приливот на мигранти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нацрт-завршната декларација на Самитот кој ќе се одржи в недела во Брисел од страна на лидерите на 10 земји членки на ЕУ, има за цел да ги прошири мерките за спречување на илегалната миграција во Европа, со кои ќе се ограничи движењето на бегалците во ЕУ.
На Самитот ќе учествуваат лидерите на Германија, Франција, Италија, Грција, Шпанија, Малта, Бугарија, Белгија и Холандија, додека не е предвидено учеството на лидерите на Полска, Унгарија и Чешка, кои ги критикуваат политиките на ЕУ за бегалците.
Лидерите на овој мини-самит ќе упатат предупредување до земјите членки да не преземаат мерки кои се еднострани и не се во координација со ЕУ.
На средбата ќе се разговара и за формирање на гранична полициска сила од 10.000 лица до 2020 година, со цел намалување на илегалната миграција.
Исто така ќе се одлучува и за зголемување на трошоците во насока на осигурување поголема безбедност за надворешните граници на Унијата. Во овие рамки ќе се дискутира за поефективна соработка со земјите како Алжир, Египет, Либија, Мароко, Нигер и Тунис, со цел намалување на бројот на мигрантите кои доаѓаат во ЕУ.
- Зголемени контроли на автобуските и железничките станици -
Се очекува дека лидерите на средбата в недела ќе донесат одлука во насока на реализирање поопсежна работа за заштита на мигрантите надвор од ЕУ и за зголемување на капацитетите на прифаќање.
Покрај тоа, во оваа нацрт-завршна декларација е вклучена и одлуката да се зголемат контролите на автобуските и железничките станици, како и на аеродромите, со цел борба против движењето на бегалците од една земја на ЕУ во која биле прифатени, во некоја втора европска земја.
Според оваа нацрт-завршна декларација, се планира да се организира состанок наесен оваа година, како продолжение на овој самит. Австрија, која наредниот период ќе претседава со ЕУ, претходно најави дека на 20 септември ќе одржи самит на тема „Проблемот со мигрантите“, кој ги вклучува земјите членки на ЕУ.
Околу истата тема поопсежно ќе се разговара и на Самитот на лидерите на ЕУ, кој ќе се одржи меѓу 28 и 29 јуни, за кој се вели дека лидерите на ЕУ ќе дадат поддршка за формирање камп за бегалците надвор од територијата на ЕУ.