Eshat Fırat
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
РАМАЛАХ (АА) - Израелските власти соопштија дека од безбедносни причини донеле одлука да му забранат патување на 16-годишниот Февзи ел Џунејди, симболот на отпорот во Ерусалим (Кудс), јавува Anadolu Agency (AA).
За АА зборуваше чичкото на младиот Палестинец, Решад ел Џунејди, кој рече дека неговиот внук минатата недела при обид да премине од Западниот Брег во Јордан, на граничниот премин „Мостот на крал Хусеин“, бил задржан од израелските погранични безбедносни сили 8 часа, по што го известиле дека не му е дозволен излез од земјата.
Чичкото на момчето изјави дека забраната за патување била воведена од „безбедносни причини“, истакнувајќи дека момчето, заедно со неговиот татко требало да замине во Турција поради терапија на рамото што му беше скршено од израелските војници при приведувањето на 7 декември.
Шеснаесетгодишниот Палестинец Џунејди, по одлуката на САД да го признае Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел, учествуваше на протестите на 7 декември 2017 година, организирани во градот Хеброн (Ел Халил) на Западниот Брег, кога со врзани очи беше приведен од околу 20 израелски војници.
Џунејди, кој стана симбол на отпорот во Ерусалим, по објавувањето на снимките во медиумите предизвика голема реакција на меѓународната заедница кон Израел.