Yusuf Hatip
26 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
БРИСЕЛ (АА) - Во извештајот на Европската Унија за дрога се истакнува дека терористичката организација ПКК во Европа е вклучена во организираниот криминал и трговијата со дрога, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот центар за набљудување на дрогата и зависноста од дрога (EMCDDA) и ЕВРОПОЛ го објавија Извештајот за пазарите на дрога во ЕУ за 2019.
Во извештајот се истакнува дека Европејците во трговијата со дрога на мало секоја година трошат 30 милијарди евра. „Ваквата состојба за организираните криминални организации пазарите на дрога во ЕУ ги доведува во состојба на многу значаен извор на приходи“, се вели во извештајот.
Во извештајот се истакнува дека од 2002 година досега, ПКК која во ЕУ се наоѓа на листата на терористички организации, е „вклучена во организираниот криминал и трговијата со дрога“ во ЕУ.
Во претходните извештаи на ЕВРОПОЛ е забележано дека сепаратистичката терористичка организација ПКК годишно од дрога остварува приход помеѓу 1,5 и 3 милијарди долари. Вовлекувајќи ги децата и младината во зависност од дрога, терористичката организација со парите добиени на тоа поле, купува оружје.
- „Турција има суштинско значење“
Во извештајот во кој се наведува дека Балканската рута сѐ уште е главниот пат во транспортот на дрогата кон ЕУ, се посочува „Поради таа причина, Турција продолжува да е од суштинско значење во спречувањето дрогата да пристигне на пазарот на ЕУ.“
Во извештајот се наведува дека на целата територија на Европа, од парите со кои се платила дрогата, 39% одат на канабис, 31% на кокаин, 25% на хероин и 5% на амфетамини и екстази.
Димитрис Аврамопулос, комесарот на ЕУ за миграции, внатрешни работи и државјанство, во своето обраќање при презентацијата на извештајот во Брисел, рече „Организациите за организиран криминал се агилни во искористувањето на новите можности за остварување добивка. Затоа, со цел да ги прошират своите активности во меѓународните рамки, тие сѐ повеќе ги користат сите видови технолошки и логистички изуми за поголема добивка.“
Аврамопулос подвлече дека европските потрошувачи главно „многу полесно“ можат да пристапат до дрога, користејќи ги социјалните мрежи и интернетот, и додаде „Незаконските пазари за дрога и понатаму продолжуваат да претставуваат закана за здравјето и безбедноста на нашите граѓани.“
Во исто време, во извештајот се истакнува дека елементите на глобализацијата, технологијата, иновациите и инструментите за криминал се три главни фактори кои го зајакнуваат и го олеснуваат пазарот за трговија со дрога.
- „Од дрогите најмногу се користи канабисот“
Во извештајот се наведува дека канабисот, чија вредност на европскиот пазар се претпоставува дека изнесува најмалку 11,6 милијарди евра, минатата година го консумирале приближно 25 милиони Европејци (на возраст од 15 до 64 години) и претставува наркотичко средство кое најмногу е користено во регионот.
Според извештајот, кокаинот е втора најчесто употребувана дрога во Европа. Ова наркотичко средство на европските пазари има вредност од 9,1 милијарда евра, а минатата година кокаин користеле приближно 4 милиони Европејци (на возраст од 15 до 64 години).
Во извештајот се наведува дека приближно 1,3 милион лица што живеат во ЕУ користат опиоид (главно познат како хероин), а се претпоставува дека пазарната вредност на ова наркотичко средство на годишно ниво во ЕУ изнесува 7,4 милијарди евра.
За чекорите што треба да се преземат во борбата против трговијата со дрога, во извештајот се наведува:
„Да се разгледаат бизнис-моделите на активните организации за организиран криминал на високо ниво, на глобалниот пазар на дрога, да се намалат безбедносните слабости на надворешните граници и да се инвестира во форензички и токсиколошки објекти, со цел да се биде во чекор со измените во производството на дрога.“