Anees Suheil Barghouti
07 Ноември 2018•Ажурирај: 08 Ноември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските власти денес одобрија изградба на нови еврејски станбени единици во окупираниот Источен Ерусалим, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Обласниот комитет на Ерусалим ја одобри изградбата на 640 нови станбени единици во населбата Рамат Шломо во близина на населбата Бит Ханина“, објави израелскиот дневен весник „Хаарец“ (Haaretz).
„Повеќето од станбените единици ќе бидат изградени на земјиште во сопственост на Палестинците“, додава весникот.
Според „Хареец“, Комитетот ги отфрлил приговорите што порано беа покренати од групите кои се против изградбата на овие станбени единици.
„Оваа одлука претставува уште еден доказ дека израелската контрола врз Источен Ерусалим е заснована на дискриминаторски режим“, се вели во заедничката реакција на групите.
Палестинските власти велат дека Израел ја интензивирал изградбата на населби во Источен Ерусалим откако американскиот претседател Доналд Трамп официјално го призна Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел.
Според палестинските податоци, над 700.000 еврејски доселеници низ Западниот Брег во моментот живеат во над 100 населби изградени од 1967 година кога Израел ги окупираше Западниот Брег и Источен Ерусалим.