Mohammad Sıo
19 Мај 2025•Ажурирај: 20 Мај 2025
ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Израел предложи 60-дневен прекин на огнот во Појасот Газа во замена за ослободување на половина од живите израелски заложници кои се во рацете на палестинската група Хамас, јави израелскиот јавен радиодифузер КАН, јавува Анадолу.
Според КАН, повикувајќи се на неименувани израелски функционери запознаени со преговорите, понудата била презентирана во саботата за време на разговорите во Доха, Катар.
Израел проценува дека во Газа остануваат 58 заробеници, вклучувајќи 20 за кои се верува дека се живи.
Во меѓувреме, повеќе од 9.900 Палестинци се држат во израелските затвори под ужасни услови кои вклучуваат тортура, гладување и медицинско занемарување, што довело до бројни смртни случаи, според палестинските и израелските групи за човековите права и медиумите.
Понудата на Израел, според извештаите, предвидува и продолжување на преговорите за иднината на војната во текот на прекинот на огнот, вклучително и разоружување на палестинските групи на отпорот и протерување на нивните лидери — две барања на кои Израел постојано инсистира.
Хамас досега цврсто ги отфрла повиците за разоружување, наведувајќи дека нема да се откаже од вооружената борба додека Израел продолжува да ја окупира палестинската територија.
Предлогот, според израелскиот „Канал 12“, вклучува и можност за ослободување на палестински затвореници, меѓу кои и лица осудени на доживотна казна и околу 1.000 затвореници со стандардни затворски казни.
Во извештајот се наведува и дека Израел останува цврст во одбивањето да се повлече од Коридорот Филаделфи и Коридорот Нецарим во Газа, но изразува подготвеност да разговара за завршување на војната за време на предложениот период на прекин на огнот.
Ниту Хамас, ниту катарските посредници засега не ја коментирале оваа наводна понуда.
Израелската армија од октомври 2023 година води жестока офанзива против Газа, при што, според податоците, убиени се над 53.000 Палестинци, од кои најголем дел се жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Покрај тоа, Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.