Enes Canlı
02 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
КУДС
Израелската Влада соопшти дека тимот за специјални операции, познат како „Јамам“, отсега ќе дејствува како Национална единица за борба против тероризмот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што се наведува во соопштението на израелската Влада, премиерот Нафтали Бенет на свеченоста на која присуствувале министри и други високи официјални претставници по повод основањето на новата единица истакнал дека статусот на полицискиот тим за специјални операции „Јамам“, кој работи 47 години во партнерство со други безбедносни агенции во Израел, е подигнат на национално ниво.
Тој истакна дека 3,17 милиони долари од владиниот буџет ќе бидат префрлени на новата единица за зголемување на човечките ресурси, зајакнување на оперативните подготовки, подобрување на оружјето и обуката.
Бенет рече дека „Јамам“ спроведува операции како што се „спасување заложници, апсења во опасни области“ во Израел и на Западниот Брег.
Според домашните медиуми, „Јамам“ има статус на полициска, воена и разузнавачка единица, иако нејзиното име не се споменува често во официјалните соопштенија за операциите во кои учествува.
Сепак, според арапските медиуми, „Јамам“ бил задолжен за атентати и операции за апсење на одредени функционери на Палестинското движење на отпорот.