Ekipa
22 Ноември 2018•Ажурирај: 23 Ноември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот Врховен суд денес одобри иселување на голем број палестински семејства од нивните домови во Источен Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
„Судот го одби барањето против одлуката, поднесено од страна на семејствата, за нивно иселување од домовите во населбата Силван во Источен Ерусалим, јужно од комплексот на џамијата „Ал Акса““, изјави за АА портпаролот на Комитетот за одбрана на земјата, Факри Абу Диаб.
„Семејствата поднесоа барање до Врховниот суд, откако беа издадени наредби за иселување од страна на Окружниот суд во Ерусалим“, изјави Абу Диаб.
„Оваа одлука значи дека над 100 семејства ќе ги изгубат нивните домови поради еврејските доселеници“, додаде тој.
Според Абу Диаб, семејствата во моментот живеат во 70 домови на земјиште со површина од 5.000 квадратни метри. Групите на еврејските доселеници тврдат дека земјиштето на кое се изградени овие домови биле во сопственост на јеменските Евреи пред 1948 година, кога е основана државата Израел.
За време на Арапско-израелската војна во 1967 година, Израел прво го окупираше палестинскиот Западен Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.
Во потегот кој никогаш не беше признаен од страна на меѓународната заедница, Израел во 1980 година го анектираше целиот град, тврдејќи дека тоа е „вечниот и неделив“ главен град на еврејската земја.
Според меѓународното право, Западниот Брег и Источен Ерусалим (Кудс) и понатаму се гледаат како „окупирани територии“ и се смета дека изградбата на еврејските населби на таа земја е илегална.
Палестинците одамна го обвинуваат Израел дека води кампања за претворање на градот во еврејски, со цел да се отстрани неговиот историски арапски и исламски идентитет, и постепено да ги истера палестинските жители.
Во случај поврзан со ова, израелската Армија доцна синоќа упаси 20 Палестинци за време на рации спроведени низ Западниот Брег.
„Лицата се уапсени поради сомнеж за вмешаност во терористички активности“, се вели во соопштението издадено денес, без да се даде објаснување за природата на ваквите активности.
Израелската Војска често спроведува апсења низ Западниот Брег, под изговор дека трага по „барани“ Палестинци.
Според податоците на палестинските власти, во израелските затвори моментално се наоѓаат околу 6.500 Палестинци, од кои најголем дел се од окупираниот Западен Брег.