Hamdi Yıldız
25 Октомври 2023•Ажурирај: 26 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Интензивните напади на израелската војска врз Појасот Газа продолжија без прекин и синоќа, известува Анадолу.
Според информациите што ги објави палестинската новинска агенција ВАФА, има загинати и повредени во израелските воздушни напади врз куќа во бегалскиот камп Шати во западниот дел на Појасот Газа.
Израелските воени авиони бомбардираа подрачје околу џамијата Ал Фарај во бегалскиот камп Нусајрат, квартовите Бени Сехиле и Зејтун источно од Кан Јунис, куќа во близина на италијанската повеќекатница и населбата Ал Хелис во близина на болницата Кудс.
Извори од регионот наведоа дека во воздушниот напад е бомбардирана куќата што му припаѓала на „големо семејство“ во регионот Кизан ал Наџар, јужно од градот Кан Јунис во Газа. Во бомбардирањето загинаа 6 лица.
Телевизискиот канал Ал Акса објави дека израелските воени авиони ја бомбардирале џамијата Хатин во улицата Ал Џала во Газа.
Израелските авиони ја бомбардираа и куќата на семејството Абу Сауд во градот Рафах, во близина на египетската граница со Појасот Газа. Се вели дека има загинати и ранети.
Израел ја бомбардира Газа по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври, ставајќи ја целата енклава под блокада, поради што 2,3 милиони жители се со малку вода, гориво и медицински материјали.
Израелската војска продолжи со своите интензивни напади врз Газа, во кои уништи цели квартови.
Повеќе од 1.400 Израелци загинаа во нападите на Хамас, од 7 октомври досега.
Во израелските напади на Газа убиени се 5.791 Палестинец, од кои 2.360 се деца и 1.292 жени.