Ahmet Dursun
05 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
АНКАРА (АА) - Во Иран досега се притворени 282 лица со образложение дека биле вмешани во корупција во различни сектори како девизниот, петрохемискиот и автомобилскиот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Главниот обвинител на Техеран, Абас Џафери Девлетабади, даде изјава за медиумите во врска со истрагите против корупција кои се во тек.
Девлетабади истакна дека досега биле притворени 282 лица во рамки на истрагите водени од страна на специјални судови формирани за борба против корупција и финансиски кривични дела.
Тој нагласи дека 29 од осомничените биле притворени поради неправилности и манипулации на девизните пазари, 13 осомничени биле притворени за корупција во петрохемискиот сектор, 20 лица за вмешаност во корупција и неправилности во увозот на автомобили.
Според него, 4 лица биле притворени во рамки на истрагата против корупција во иранската Царинска управа, додека 860 лица добиле забрана за излегување од земјата.
Инаку, во април минатата година вредноста на доларот во земјата за кратко време, од 4.000 се искачи на 7.500 ирански томени.
Владата на претседателот Хасан Рохани на 10 април донесе одлука за врзување на вредноста на доларот за 4.200 томени и ја забрани купопродажбата на слободниот пазар, додека вредноста на доларот на слободниот пазар моментално се движи околу 13.000 томени.
Во земјата се формирани специјални судови откако иранскиот духовен лидер Али Хамнеј упати апел „да се преземе брз, фер и праведен чекор против економската војна на странските сили“.
Специјалните судови изрекоа смртна казна за најмалку 3 лица кои се обвинети за нанесување штета врз економскиот систем на земјата.