РИМ (AA) - БАРИШ СЕЧКИН -
Италијанските експерти за надворешна политика не очекуваат воведување санкции кон Анкара на претстојниот самит на челниците на Европската Унија (ЕУ) за односите на Турција и европскиот блок, пишува Агенција Анадолија (АА).
Карло Марсили, поранешниот италијански амбасадор во Анкара, истакна дека односите меѓу Турција и ЕУ моментално се доста напнати, додавајќи дека на самитот сепак не очекува санкции против Анкара, но дека можно е да бидат донесени некои други мерки.
„Имам впечаток дека на самитот, на 10 и 11 декември, нема да има одлука за санкции бидејќи за тоа е потребна едногласност. Како што слушнав, за ова прашање нема едногласност. Италија не е за санкции, а мислам дека за тоа не е ниту Германија, која претседава со ЕУ. Германија, како претседавач, тука има посебно значење. Мислам дека ниту Унгарија или Полска нема да ја прифатат идејата за санкции против Турција“, рече Марсили.
- Односите меѓу Турција и ЕУ се доста затегнати -
Тој истакна дека односите помеѓу Турција и ЕУ во последните години се доста затегнати, посебно поради ситуацијата во Источниот Медитеран.
„Верувам дека Турција треба да инсистира на добро разбирање на прашањето за територијалните води и економската зона на Источниот Медитеран. Тоа мора добро да се објасни“, рече Марсили.
Додаде дека навистина е многу чудна ситуацијата што Турција, земја која има 1.600 километри долг брег на Источниот Медитеран, отежнато праќа свои бродови и врши истражување на тоа подрачје.
„Врз основа на тоа, границите на Ексклузивната економска зона би морале да почнат од копно, а не од остров“, рече Марсили.
Потсети, исто така, дека според тезата што ја заговара грчката страна, подрачјето од островот Меис до островот Кипар ѝ припаѓа на Грција.
„И не само тоа. Никој во ЕУ не ја признава Турската Република Северен Кипар и поради тоа водите околу целиот остров му припаѓаат на Јужен Кипар. Турција не може да се согласи на тоа. Дури нема ни смисла. Островот Меис со возење со траект од Каш е оддалечен 20 минути. Од Родос е оддалечен неколку часови. Тука сè мора добро да се преиспита“, рече Марсили.
- Турската дипломатија ја чека многу работа -
Марсили истакна дека турската дипломатија мора да заврши многу работа за да ја објасни добро неприфатливоста на дискурсот на грчката страна.
„Не е прифатливо земја со 1.600 километри брег на Медитеранот да не може да испраќа свои бродови на тоа подрачје. Зошто е тоа така? Бидејќи Грците велат 'не', 'бидејќи ова се грчки води'. Извинете, но тоа е неприфатливо“, рече поранешниот италијански амбасадор во Анкара.
Потсети и дека Италија ѝ препуштила на Грција 12 острови под одредени услови со Парискиот мировен договор од 1947 година.
„Исто така е потребно да се инсистира и на ова прашање. Според Парискиот мировен договор од 1947 година, постои услов Грција да не ги вооружува овие острови, но Грција ги вооружи. Грција не се придржуваше на одредбите на овој договор“, истакна Марсили.
- Некои земји заговараат умерен став кон Турција -
Валерие Џианоти, италијанска писателка и професорка, истакна дека односите меѓу Турција и ЕУ се повеќе напнати сега отколку во текот на минатиот самит на европските челници во Брисел. Додаде дека некои земји, вклучувајќи ја Италија, Шпанија и Германија, сепак заговараат умерен став кон Турција.
„Меѓутоа, неодамнешната расправа помеѓу Анкара и Париз доведе до силен притисок на Франција врз Турција, што дополнително ја отежна целата атмосфера“, рече Џианоти, напоменувајќи дека поради тоа може да се очекува силна осуда од Брисел кон Турција.
„Мислам дека санкциите на Турција, како важен трговски партнер, нанесоа штета на интересите на Европа. Конкретно, мислам на Италија и Германија, кои се водечки извозници во Турција.“
- Сите би морале да размислуваат за сопствените одговорности и обврски за Европа да има конструктивен дијалог со Анкара -
„Тензиите во Источниот Медитеран се производ на кратковидната стратегија на Европа кон островот Кипар. Турција и понатаму е важен стратешки партнер за Европа. Верувам дека, ако ги оставиме настрана едностраните постапки на демонстрацијата на моќ, секое решение што се однесува на Турција е можно да се постигне на преговарачка маса“, рече Џианоти.
Европскиот самит, кој ги собира лидерите на земјите членки на ЕУ, ќе се одржи на 10 и 11 декември во Брисел, и на него, исто така, би требало да се разгледа и договорот на ЕУ со Велика Британија по Брегзит.