АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во рамките на посетата на Заливот, ќе го посети Катар, каде што 87 отсто од населението го сочинуваат странски имигранти кои дошле да работат во земјата. Во рамките на блиската соработка меѓу Катар и Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО, минатиот месец на Турција ѝ беа испорачани две лица поврзани со организацијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Единствен копнен сосед на Катар е Саудиска Арабија, додека околу Катар се наоѓаат Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Иран.
Катар се простира на површина од 11.521 квадратни километри, а има крајбрежје во должина од 563 километри.
Главен град е Доха, а државата има околу 2.220.000 жители. Од вкупната популација, само 13 отсто се катарски Арапи, додека 87 отсто се јужноазиски муслимани, имигранти кои дошле за да работат во земјата.
Официјален јазик е арапскиот, додека најчесто како странски јазик се користи англискиот. Осумдесет и пет отсто од вкупната популација на Катар се сунити, додека 15 отсто се шиити.
По Првата светска војна, Англија го окупира Катар, кој својата независност ја доби во 1971 година.
Земјата е раководена од монархија, којашто од 2013 година ја предводи емирот од Катар, Тамим бин Хамад ал-Тани. Премиер на Катар е Абдула Бин Насир ал Тани.
Катар во светски рамки е членка на Обединетите нации, на Советот за соработка во Заливот, Арапската лига, Организацијата за исламска соработка, Организацијата на земјите извознички на нафта, Меѓународната агенција за атомска енергија и на Движењето на неврзаните.
Големи трговски партнери на Катар се Јапонија, Јужна Кореја, САД и Кина. Основни извозни производи на земјата се нафтата, нејзините деривати, пластика и пластични производи, алуминиум и алуминиумски производи, а увезува машини, возила, електронски и електрични апарати.
Дипломатските односи меѓу Турција и Катар беа воспоставени во 1972 година, по прогласувањето независност на земјата.
Турција својата амбасада во Доха, и амбасадата на Катар во Анкара ги отворија во 1979 година, додека конзулатот на Катар во Истанбул е отворен во 2008 година.
Катар од Турција увезува бродови, јахти, електрични и електронски апарати, машини, домашни текстилни производи, мебел и зеленчук, додека во Турција извезува нафта и нафтени деривати, природен гас, алуминиум и алуминиумски производи, хемиски и пластични производи.
Турција во 2014 година ја посетиле 1.822 лица, а пак во 2015, 2.139 лица биле посетители од Катар.
- Блиска соработка во борбата против ФЕТО -
Катар има блиска соработка со Турција во решавањето на регионалните проблеми и во својата надворешна политика ѝ придава особено значење на Турција. Со честите посети меѓу двете земји, билатералните односи продолжуваат да се развиваат.
Во тие рамки, во декември минатата година во Турција пристигна емирот од Катар, Тамим бин Хамад ал-Тани, кој во Трабзон оствари средба со претседателот Ердоган, на Вториот состанок на Високиот стратешки комитет на Турција и Катар.
Во првите 24 часа од обидот на ФЕТО за државен удар во Турција, министерот за надворешни работи на Катар, Мухамед Бин Абдурахман ал-Тани, до својот колега, министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу ја изрази поддршката што Катар ѝ ја дава на легитимната турска Влада и истакна дека Катар се солидализира со Турција. На 30 јули, Ал-Тани дојде во официјална посета на Турција, со што беше истакната поддршката на Катар кон Турција.
Од друга страна, Катар ја даде својата поддршка и на состанокот на Советот за соработка во Заливот, кој се одржа во октомври минатата година во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, каде што организаторот на обидот за државен удар во Турција, ФЕТО, беше прогласена за терористичка организација. Во тие рамки, Катар минатиот месец на Турција ѝ испорача две лица поврзани со ФЕТО.
- Воена соработка -
Со потпишаниот договор од 27 април 2015 година, двете земји се обврзаа за меѓусебна воена и образовна соработка, соработка во одбранбената индустрија и за распоредување турски воени сили на територијата на Катар. На полето на воената соработка, во Катар престојуват 88 војници, од кои 13 офицери, 19 подофицери и 56 експерти.
- „Односите меѓу Турција и Катар се на многу високо ниво“ -
Претседателот на Турција, Ердоган, пред заминувањето во посета на заливските земји, одржа прес-конфренција на аеродромот во Истанбул.
Претседателот Ердоган во таа пригода рече: „Денес односите меѓу Турција и Катар се на високо ниво и се земаат за пример“.
Претседателот Ердоган истакна дека двете земји имаат многу блиска соработка на голем број полиња, како што се економијата, трговијата и инвестициите, и додаде дека со заемните посети и потпишани договори оваа соработка се издигнува на уште повисоко ниво.
„Покрај големата соработка на различни полиња, како што е воената, одбранбената, културната, образовната и економско-трговската соработка, Турција и Катар ги разгледуваат и прашањата поврзани со регионалните проблеми. Во последните неколку месеци се случија неколку настани коишто се пресвртни точки по прашањето за Сирија. Вложуваме интензивни напори за изнаоѓање на политичко решение за кризата и колку што е можно поскоро запирање на крвопролевањето во Сирија. Во чест на сеќавање на загинатите во Сирија и спроведување на правдата, во рамките на законитоста и чесноста продолжуваме да остваруваме интензивни средби со сите страни во конфликтот. Се надевам дека наскоро, во рамките на консултациите што ги спроведуваме заедно со нашите пријатели ќе добиеме добри резултати. Затоа им придаваме големо значење на овие посети“, рече турскиот претседател Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact
