Ekip
22 Јануари 2025•Ажурирај: 22 Јануари 2025
ГАЗА (АА) - Конвоите со хуманитарна помош и денес продолжуваат да влегуваат во Појасот Газа преку граничниот премин Керем Шалом, а во тек е работа за санирање на палестинската страна на граничниот премин Рафа, јавува Анадолу.
На граничниот премин Рафа е предизвикана значителна штета за време на 15-месечната израелска геноцидна војна поддржана од САД, која заврши со прекин на огнот во неделата.
Во договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на Египет, Катар и САД, е предвидено преминот повторно да биде отворен седмиот ден од неговата имплементација, закажан за оваа сабота.
Гувернерот на Северен Синај, генерал-мајор Калед Могахед, вчера го посети преминот Рафа и за локалниот весник „Ал-Ватан“ изјави: „Наредните денови граничниот премин Рафа ќе биде отворен од двете страни и ќе се овозможи поголем влез на хуманитарна помош.“
Во договорот за прекин на огнот, исто така, е предвидено дневно во Газа да влегуваат 600 камиони со хуманитарна помош и ја содржи етапната рамка за натамошните преговори меѓу палестинската група Хамас и Израел.
Веќе 18 години Израел има воведено блокада на територијата, оставајќи го регионот во тешки хуманитарни услови, со критичен недостиг на храна, вода и лекови.
Од 24 мај хуманитарната помош првенствено влегуваше во Газа преку преминот Керем Шалом откако израелските сили ја презедоа контролата врз Рафа, оштетувајќи делови од преминот и опожарувајќи го во текот на воените операции. Тековните работи на преминот се вршат со цел да се овозможи негово повторно отворање и полесен пристап за хуманитарната помош.