Erbil Başay
01 Јули 2023•Ажурирај: 03 Јули 2023
БЕРЛИН (АА) - Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, побара поддршка за прием на Украина во НАТО, пренесува Анадолу.
Кулеба во разговор за весниците „Ди велт“, „Билд“ и „Политико“, ја замоли Германија да не ја повторува „грешката“ на некогашната канцеларка Ангела Меркел, која се противеше на членството на Украина на Самитот на лидерите на НАТО одржан во Букурешт 2008 година. Тој рече дека таа „грешка“ му отворила врата на рускиот претседател Владимир Путин да го анектира Крим и да влезе во Грузија.
„Киев нема очекувања дека Украина ќе биде вклучена во НАТО во текот на војната. Меѓутоа, би било самоубиствено Европа да не ја прифати Украина како членка на НАТО по војната“, истакна Кулеба.
Шефот на украинската дипломатија исто така рече и дека останувањето на Украина надвор од НАТО би значело дека војната и понатаму е опција.
Тој додаде дека приемот на Украина во НАТО е единствен начин да се затвори вратата на агресија на Русија кон Европа и евроатлантскиот регион во целина.
Кулеба тврди дека членството на Украина во НАТО нема да доведе до уште една и поголема војна со Русија.
„Русија не би се осмелила уште еднаш да ја нападне Украина како членка на НАТО. Тоа е патот на мирот“, заклучи Кулеба.
Напоменувајќи дека Украина ќе го олесни товарот на Германија и на другите земји во одбраната на источното крило на НАТО, Кулеба рече дека Киев е подготвен да преземе дел од товарот на своите рамења.