Sibel Morrow
22 Јуни 2020•Ажурирај: 22 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Загубите од затворањето на нафтените извори во Либија и блокадата од страна на бунтовничките сили предводени од Калифа Хафтар во последните 5 месеци достигнаа речиси 6 милијарди долари, соопшти Националната нафтена корпорација на Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Либиската економија претрпе и претрпува огромни загуби поради блокадата на нафтата, која во соопштението се посочува како нелегална, и која лошо ќе влијае на буџетот на државата за 2020-2021 година и на исплатите на платите.
Либија има најголеми докажани резерви на сурова нафта во Африка, проценети на 48,4 милијарди барели, а приходите од природниот гас и нафтата претставуваат приближно 90 отсто од приходите на Владата.
Меѓународно признатата Влада на Либија е под напади на силите на Хафтар од април 2019 година, во кои загинаа над 1.000 лица. Од 2014 година, цел на милициите на Хафтар се нафтените полиња, кои претставуваат бели дробови на либиската економија.
Либија произведуваше околу 1,6 милиони барели нафта дневно и најголемиот дел од тоа производство го извезуваше претежно во Италија, Франција, Шпанија и Германија. Но, либиската економија доживеа значителен пад поради политичките немири и падот на производството на нафтените полиња под контрола на силите на Хафтар.