Sinan Doğan
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
БОГОТА (АА) - Гермин Џоли, лидерот на бандата „400 Мавозо“, позната како „Јонјон“ на Хаити, е фатен и екстрадиран во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Националната полиција на Хаити во своето соопштение потврди дека во октомври 2021 година, лидерот на бандата обвинет за киднапирање на 16 Американци и еден Канаѓанец, меѓу кои и 5 деца, бил екстрадиран во САД.
Наведувајќи дека ваквата одлука е донесена по судско барање на американските правосудни органи, властите известија дека Џоли вчера бил испратен во САД со авион на Федералното истражно биро (ФБИ).
Се проценува дека на Џоли ќе му се суди по обвиненија како што е киднапирање на американски државјани, откуп, трговија со оружје и дрога.
На Хаити безбедносните проблеми се влошија откако претседателот Жовенел Моиз беше убиен на 7 јули 2021 година, во напад врз неговиот дом од вооружени лица.
- Киднапиран од бандата „400 Мавозо“
Се истакнува дека мисионерите биле киднапирани од бандата позната како „400 Мавозо“ додека се враќале во САД откако изградиле сиропиталиште на Хаити.
Центарот за истражување на човековите права на Хаити (CARDH) на 16 декември објави дека се ослободени сите заложници кои биле киднапирани од страна на бандата.
На Хаити во последно време има значително зголемување на киднапирањата од страна на банди, кои бараат откупнини од неколку стотици долари до еден милион долари.
Најмалку 328 киднапирања биле пријавени во Националната полиција на Хаити во првите осум месеци од 2021 година.
Според извештајот објавен минатиот месец од Интегрираната канцеларија на Обединетите нации на Хаити, оваа бројка изнесуваше 234 во 2020 година.