Ekrem Biçeroğlu,Mücahit Aydemir
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
ЕРУСАЛИМ (АА) -
Приведени се 51 муслиман, меѓу кои и еден француски муслиман со алжирско потекло, а повеќе Палестинци се ранети од гумени куршуми испукани од страна на израелската полиција која чуваше повеќе стотици израелски доселеници кои денеска упаднаа во Џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод годишнината од основањето на Израел, израелските доселенички групи повикаа на голем упад во Џамијата „Ал Акса“, третото најсвето место во светот за муслиманите.
Евреите ја нарекуваат областа „Градот на храмот“, тврдејќи дека тоа било место на два еврејски храма во минатото.

Одделот за исламски вакаф со кој раководи Јордан, кој ги надгледува светите места во Ерусалим, објави соопштение во кое се вели дека над 600 доселеници упаднале на локацијата во групи под силна полициска заштита и останале во комплексот повеќе од три часа.
Јомтоб Калфон, член на израелскиот Кнесет (парламент) од партијата Јамина и Јехуда Глик, поранешен член на Кнесетот од партијата Ликуд, беа меѓу оние кои упаднаа во џамијата.
Според очевидците, за време на настанот израелските доселеници двапати се обиделе да го подигнат израелското знаме, додека голем број од нив ја пееле израелската национална химна.
Тие рекоа дека израелската полиција ги тепала муслиманските верници и испукала гумени куршуми и солзавец кон нив во Џамијата „Кибле“, која се наоѓа во комплексот на Џамијата „Ал Акса“, каде што во тоа време биле присутни голем број верници.
„Нашите екипи им пружија прва помош на двајца повредени од Џамијата ‘Ал Акса’ кои биле тепани и истите се префрлени на лекување во болницата ‘Ал Макасед’ “, се вели во соопштението на палестинската Црвена полумесечина.
Одделот за исламски вакаф додаде дека израелската полиција привела 50 Палестинци и француски државјанин со алжирско потекло, кој бил нападнат во дворот на Џамијата „Ал Акса“.
Видеоклип што кружи на социјалните мрежи покажува како израелски полицајци ја држат алжирската државјанка, чие име не се открива, пред џамијата, откако ѝ ја тргнале марамата.
Израелската полиција, од своја страна, во соопштение тврди дека десетици луѓе извикувале „повици за поттикнување“ и фрлале со камења по нив.
„Еден полицаец е полесно повреден“, информираше израелската полиција.