Ömer Tuğrul Çam
25 Јануари 2023•Ажурирај: 26 Јануари 2023
БРИСЕЛ (АА) - Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ги отфрли тврдењата на Русија дека Украина складира оружје во украинските нуклеарни централи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Им наложив на моите тимови да направат сеопфатен преглед на објектите во своја соработка и во соработка со украинскиот менаџмент на овие објекти со цел да се утврди дали всушност има складиранa каква било воена опрема, стационирана таму или преместена таму. Резултатите од тие инспекции беа негативни“, рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, за време на обраќањето пред пратениците на седницата на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Тој во обраќањето ја повтори загриженоста за безбедносната ситуација околу нуклеарната централа „Запорожје“, која моментално е под руска контрола, поради битките кои се одвиваат во областите блиску до централата.
Гроси истакна дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) е единствената институција која може да спречи нуклеарна несреќа во централата и го повика Европскиот парламент да даде политичка поддршка за агенцијата.
Осврнувајќи се на преговорите со Иран за нуклераната програма, тој рече дека изгледите за постигнување договор се слаби.
Нагласи дека тие околу една година не добиваат никакви ажурирања од Техеран за неговата нуклеарна програма.
Индиректните преговори меѓу Техеран и Вашингтон за заживување на историскиот Договор за нуклеарната програма на Иран со светските сили од 2015 година запреа од август поради клучни несогласувања, меѓу кои и за истрагата на нуклеарното тело на Обединетите нации за „непријавени нуклеарни локации“, кои Иран постојано ги отфрла тврдејќи дека се „политички потег“.
Според Договорот за нуклеарната програма од 2015 година, на Иран му беше дозволено да збогатува ураниум само до 3,67 отсто чистота. Прагот беше постепено пробиван од Техеран откако САД изглегоа од договорот во мај 2018 година.