Michael Hernandez
16 Јуни 2016•Ажурирај: 17 Јуни 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Неколку часа пред да го изведе крвавиот вооружен напад во ноќниот клуб во Орландо, напаѓачот Омар Матин на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави порака во која тврди дека неговите акции се поврзани со воздушните напади кои американските и руските воздушни сили ги изведуваат врз позициите на терористичката организација ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Вие убивате невини жени и деца изведувајќи воздушни напади врз нас... сега вкусете ја осветата на ,исламската држава'. Во следните денови ќе бидете сведоци на напади”, напиша Матин на Фејсбук, пренесува телевизиската мрежа ABC News повикувајќи се на неименуван извор од Одделот за борба против тероризмот при Феделаното истражно биро (FBI).
Американските безбедносни служби во вторникот откриле четири профили на социјалната мрежа Фејсбук кои се поврзани со Матин и така ги откриле неговите пораки.
Матин наводно во текот на нападот во ноќниот клуб изминатиот викенд се јавил во една локална телевизија и кажал дека масакрот ќе го изврши во име на ДАЕШ.
„Нема никогаш да ги заборавам тие негови зборови”, рече продуцентот на телевизијата Orlando News 13, Метју Гентили.
Пејшнс Картер го преживеа нападот на Матин, а рекла дека напаѓачот ја „поштедил” затоа што е црнка.
„Матин во текот на нападот го прашал еден црнец дали има уште црномурести индивидуи во толпата. Рекол дека не сака да има проблем со нив бидејќи случајот е поврзан со ДАЕШ, а дека црнците веќе доволно страдале”, рече Картер.
Во саботата вечер во ноќен клуб во Орландо, во сојузната американска држава Флорида, американскиот државјанин со потекло од Авганистан, Омар Матин (29), изведе крвав вооружен напад во кој уби 49, рани 53 лица, а потоа е застрелан во престрелка со полицијата.