Barry Eitel
01 Мај 2018•Ажурирај: 02 Мај 2018
САН ФРАНЦИСКО (AA) – И вториот коосновач на „ВатсАп" (WhatsApp) сервисот Јан Коум најави дека ја напушта компанијата „Фејсбук" (Facebook) која претходно ја откупи неговата апликација, јавува Anadolu Agency (AA).
„ВатсАп" во 2009. година го развија Каум и Бриан Акрон. „Фејсбук" пред четири години го купи „ВатсАп" за 19 милијарди долари. Минатата година компанијата ја напушти Акрон и го обвини Каум дека безобѕирно злоупотребува лични податоци на корисниците на апликацијата.
Синоќа повлекување од компанијат најави и Каум, но не прецизираше причини за таков потег.
Весникот „Washington Post“ (Вашингтон пост) пишува дека и Каум одлучи да отиде од компанијата по скандалот за злоупотреба на лични податоци.
„Помина речиси деценија од кога Бриан и јас покренавме WhatsApp и беше тоа извонредно патување со некои од најдобрите луѓе", напиша Каум на „Фејсбук", но не прецизираше време кога ќе се повлече.
Првиот човек на компанијата „Фејсбук", Марк Цукенберг, одговори на пораката на Каум на социјалната мрежа и истакна дека ја почитува неговата одлука.
„Ќе ми недостасува нашата блиска соработка. Благодарен сум на сѐ што направи да помогнеш во поврзување на светот и на сѐ што ме научи ти", порача Цукенберг.
„Фејсбук" неодамна се најде на удар на жестоки критики и истраги поради скандалот за протекување на податоци кои ги предизвика компанијата „Cambridge Analytica".
Од почетокот на февруари до сега „Фејсбук" забележа значителен пад на вредноста на акциите. Така пазарната вредност на компанијата со 558 милијарди падна на 454 долари.
Јавно извинување на компанијата и нејзиниот прв човек Цукенберг поради загрозување на приватните податоци на 87 милиони корисници на таа социјална мрежа вроди со плод и вредноста на компанијата од почетокот на април е вратена на претходно ниво.