ТРИПОЛИ (АА) - ЕНЕС ЏАНЛИ / МУЏАХИТ АЈДЕМИР -
Населените места во јужниот дел на либискиот главен град Триполи, кои беа ослободени од милициите на водачот на нелегитимните вооружени сили од источниот дел на Либија, Калифа Хафтар, се одраз на сите траги од војната во земјата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Калифа Хафтар, откако на 4 април 2019 година на своите милиции им даде наредба за преземање на контролата врз Триполи, својата земја ја вовлече во вртлогот на насилството.
Милициите на Хафтар до јуни 2020 година континуирано вршеа напади на Триполи, кога либиската Војска на 4 јуни 2020 година сите градски административни граници на Триполи ги расчисти од милициите на Хафтар. Но, зад тоа останаа големи руини предизвикани од војната која беше започната од страна на Хафтар, со цел присилно заземање на контролата врз Триполи и администрацијата на земјата.
Во Либија, која се соочува со нестабилност по „Арапската пролет“, околу 200.000 Либијци беа принудени да ги напуштат своите домови по започнувањето на нападите на Хафтар во Триполи.
Според бројките споделени од страна на Обединетите нации (ОН), во Либија се раселени најмалку 400.000 лица. Либиските власти велат дека оваа бројка може да е поголема со вклучувајње на раселените лица кои не се регистрирани од страна на ОН.
- Подрачјето на Ајн Зара во Триполи, линијата на фонтот на Хафтаровата милиција -
Подрачјето на Ајн Зара во Триполи на преден план е линијата на фронтот од каде милициите на Хафтар се обидоа да се движат кон Триполи.

Екипата на АА ги сними сите траги од разорувањето во Ајн Зара. Освен патиштата, може да се забележат и уништени возила, додека дел од ѕидовите на зградите во внатрешноста на подрачјето се уништени. Ова место наликува на „град на духови“.
Цивилите уште во првите денови од војната ги напуштија своите домови, а сега почнаа повторно да се враќаат. Велат дека милициите на Хафтар ги опљачкале домовите.
Жителите велат дека милицијата на Хафтар ги украла и каблите за довод на електрична енергија, поради што жителите немаат струја. Тие посакуваат да се регулира оваа инфраструктура и повторно да имаат пристап до електрична енергија и вода.
- „Ги украле дури и моите алишта“ -
Абдурахман Мухамед еш Шера во изјавата за АА истакна дека во Ајн Зара поседувал вулканизерска работилница и дека живеел блиску своето работно место. Како што рече, поголемиот дел од работите во домот биле украдени од страна на милициите на Хафтар.
„На 4 април 2019 година тенковите и авионите почнаа да го гаѓаат ова место, кое се претвори во воено поле. Се качив во возилото и избегав. Со себе не можев да земам ништо. Сè ми остана дома. Пред четири дена се вратив во населбата. Имав вулканизерска работилница, за среќа оттаму ништо не украле. Но, ја опљачкале мојата куќа. Ги украле дури и моите алишта“, рече Шера.
- „Веќе не слушаме бомби, тоа е доволно“ -
Враќајќи се во својата двокатна куќа во подрачјето на Ајн Зара, Либиецот Џума Турбан раскажува дека заедно со својата сопруга и петте деца избегал само еден ден пред бомбардирањето.
Турбан рече дека чаурите од куршумите и минофрлачите во ѕидовите на куќата ги наредил на верандата, а за поправање на куќата ќе му бидат потребни три до четири месеци.

„Благодарам на Бога веќе може да дојдеме во своите куќи. Не ги слушаме звуците на бомбите. И тоа е доволно“, нагласи Турбан.
Тој рече дека очекува да се обезбеди електрична енергија и вода за заедно со семејството да се преселат во куќата.
Здравствениот работник Мухамед Абдула ен Нур, кој се врати во својата еднокатна куќа во Ајн Зара, рече останал во својот дом околу две недели по почетокот на судирите, но потоа него и неговото семејство со оклопни возила ги евакуирала либиската Армија.
Истакнувајќи дека откако избегал се засолнувал на различни места и се соочил со големи потешкотии, Нур рече дека конечно, пред една недела се вратил во својата куќа.
Раскажа дека во ѕидовите на куќата има големи дупки и дека најголемиот проблем за него преставува немањето на електрична енергија и вода.
Нур вели дела куќите на неговите соседи биле повеќе уништени и изгорени.
„Благодарам на Господа се вративме во своите домови. Загубив многу пријатели и роднини. Моите чувства не можам да ги искажам со зборови“, рече Нур.
Покажувајќи ги урнатините долж улицата каде што некогаш си играле неговите четири деца рече дека милицијата на Хафтар поставила експлозивни направи и мини во некои куќи во регионот.
- Поставени експлозивни направи во куќите -
При повлекување од населбите на југот на главниот град, милицијата на Хафтар поставила голем број на експлозивни направи и мини.
Мините и рачно изработените експлозивни направи планирани за уништување на оклопни возила биле со голема разорна моќ и биле поставени зад вратите во домовите или под предметите. Тоа предизвика голем страв кај населението.
Според податоците на либискиот Центар за пронаоѓање на мини и други остатоци од војната, досега во 57 експлозии предизвикани од поставените мини и рачно изработени експлозивни направи од милицијата на Хафтар животот го загубија најмалку 39 лица, меѓу кои жени и деца, а над 100 лица се повредени.
Некои експерти обидот за казнување на цивилите од страна на милицијата на Хафтар по повлекувањето го споредија со истурањето на сол од страна на античките војски за да се стави крај на животот на местата кои ги освоиле.
Лиам Кели, претседателот на невладината организација „Данска група за расчистување на мини“, која работи во земјата, во изјавата за дописникот на АА рече дека голем дел од раселените цивили не можат да се вратат во своите домови заради поставените мини.
-Турските вооружени сили работат на безбедното враќање на цивилите -
Екипи на Турските вооружени сили (ТСК) работат на расчистување на мините, рачно изработените експлозиви поставени од страна на милицијата на Хафтар, во станбените области јужно од Триполи.
Експертите за детонирање на мини и експлозивни направи на Турските вооружени сили, со користење на модерна опрема, роботски системи, домашна, турска технологија работат на расчистување на населените места за да осигураат безбедно враќање на цивилното население во своите домови во Либија. Експертите се наоѓаат во Либија на покана на либиските власти.