Sorvar Alam
11 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
АНКАРА
Според најновите извештаи на локалните медиуми, уште седум лица се убиени на протестите против пучот во Мјанмар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рациите на војската и полиција се интензивирани вчера, а најмалку 200 лица беа приведени во рациите на населбите и железничкиот станбен комплекс во Јангон, најголемиот град на Мјанмар.
„Воените рации беа извршени во приградската населба Норт Окалапа, каде што се приведени речиси 200 демонстранти“, објавија локалните медиуми.
Меѓутоа, локалното население ги блокира патиштата, за полициските комбиња, кои ги превезуваа приведените, да не можат да го напуштат подрачјето.
Силите упаднаа и во станбени објекти во кои беа сместени работниците во железницата во населбата Минглар Таунг Нјунт.
Граѓаните речиси секој ден протестираат низ улиците во градовите на Мјанмар, а здравствените работници одбија да ја примат втората доза од вакцината против Ковид-19, како знак на протест против пучот.
Во јануари, повеќе од 103.000 здравствени работници ја примија првата доза на вакцината на „Оксфорд“/„АстраЗенека“. Сепак, вработените во Општата болница „Лашио“ (LGH) во северната покраина Шан одбија да ја примат втората доза што беше закажана за 25 февруари.
Според Здружението за помош на политички затвореници, воената хунта приведе најмалку 1.932 лица од пучот на 1 февруари.
Околу 350 млади лица беа приведени минатата недела поради демонстрации против пучот и се наоѓаат во затворот „Инсеин“.
Илјадници демонстранти речиси секој ден протестираат против воените власти. Армијата на Мјанмар изврши државен удар на 1 февруари годинава и ја презеде власта во таа земја под изговор дека изборите во ноември биле нерегуларни.
Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, вклучувајќи ја и мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Чу. Масовните протести против воениот удар започнаа на 6 февруари.
Обединетите нации, Европската Унија и голем број земји, како Турција, САД, Канада и Велика Британија најостро го осудија воениот удар во Мјанмар.
Масовните протести против државниот удар во целата земја доведоа до репресија на војската, со повеќе од 70 убиени и 1.932 уапсени.