Sena Güler
14 Декември 2018•Ажурирај: 14 Декември 2018
БРИСЕЛ (AA) – НАТО изрази загриженост поради зголемувањето на тензиите помеѓу Русија и Украина во врска со поморската конфронтација во Азовското Море, пренесува Anadolu Agency (AA).
„И понатаму сме загрижени поради напнатоста во Азовското Море и околината. Нема оправдување дека Русија користи воена сила против украинските бродови и морнари“, рече Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, по состанокот со украинскиот претседател Петро Порошенко одржан во Брисел.
Наведувајќи дека Украина е високо ценет партнер на НАТО, Столтенберг ја повика Русија веднаш да ги пушти заробените морнари и запленетите бродови и да овозможи слободна пловидба по морето.
„Ова е дел од руското дестабилизирачко однесување. Тоа го гледаме во источна Украина, каде што секојдневно се крши прекинот на огнот“, истакна Столтенберг.
Тој нагласи дека НАТО на Украина ѝ пружи силна „политичка и практична поддршка“.
Порошенко истакна дека Русија ја преминала „црвената линија“ со отворањето оган на украинските бродови во меѓународните води и дека нема да дозволи да се игнорира инцидентот. Исто така, ја поздрави поддршката на НАТО за неговата земја.
Русија кон крајот на ноември оваа година заплени три украински воени бродови и зароби 24 членови на посадата во близина на Крим, обвинувајќи дека влегле во нејзините води и предизвикале судир. Наведено е дека бродовите го игнорирале предупредувањето да запрат, што довело до воена акција.