Satuk Buğra Kutlugün
20 Јули 2018•Ажурирај: 21 Јули 2018
БРИСЕЛ (АА) - Во рамките на Иницијативата за готовност на НАТО, сите 29 земји членки се подготвуваат за евентуални закани од страна на Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
На 7 јуни 2018 година, сојузниците постигнаа согласност за Иницијативата за готовност на НАТО, во која се обврзаа до 2020 година да имаат 30 баталјони, 30 воздушни ексадрили и 30 поморски борбени бродови, кои ќе бидат подготвени за употреба во рок од 30 дена.
„Иницијативата за готовност на НАТО е со цел да се подобри подготвеноста на постоечките национални сили и нивната способност да делуваат во Европа и низ Атлантикот, како одговор на непредвидливото безбедносно опкружување“, се вели од организацијата.
„Ова не се однесува на нови сили, туку на зголемувањето на подготвеноста на силите кои веќе сојузниците ги имаат (сили кои би можеле да бидат достапни за колективна одбрана и за операции при кризи)“, се додава.
„Се одлучивме за понатамошни чекори, со цел зајакнување на нашата заедничка безбедност и зајакнување на одбраната и одвраќањето на заканите од која било насока“, изјави за новинарите генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за време на состанокот на министрите за одбрана на 7 јуни.
Самитот во Брисел, кој се одржа на 11 и 12 јули, се фокусираше на зајакнување на одвраќањето и одбраната, борбата против тероризмот, зајакнувањето на стабилноста, на соработката со ЕУ, модернизација на НАТО, споделување одговорност и заеднички вредности и трансатлантска унија.
„Агресивните потези на Русија, вклучувајќи ја и заканата и употребата на сила за постигнување политички цели, ја предизвикуваат Алијансата и ја поткопуваат евроатланската безбедност и меѓународниот поредок, базиран на правила“, се вели во Декларацијата од Самитот во Брисел.
Во текот на изминатите неколку години, Алијансата трипати ги зголеми силите за одговор на околу 40.000 војници, со нови 5.000 „Spearhead Force“ сили (Сили предводници) во нејзиното јадро.
Алијансата, исто така, распореди четири мултинационални борбени трупи во балтичките држави и Полска, зголемувајќи го своето присуство во регионот на Црното Море и воспостави голем број мали седишта кои ќе ги поврзат националните и силите на НАТО.