Selen Temizer
20 Октомври 2022•Ажурирај: 21 Октомври 2022
БРИСЕЛ - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека сите индикации укажуваат на тоа дека Иран ѝ доставува дронови на Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ги повикуваме сите нации, вклучувајќи го и Иран, да не ја поддржуваат илегалната војна на Русија против Украина“, рече Столтенберг по состанокот со новиот премиер на Шведска, Улф Кристерсон.
Столтенберг истакна дека ужасните напади со беспилотни летала дополнително ја нагласуваат итноста за јакнење на западната поддршка за Украина.
„Неколку држави на НАТО, вклучувајќи ги тука Германија, САД, Холандија и Франција, сега се во процес на испорака на напредни системи за противвоздушна одбрана на Киев“, соопшти Столтенберг.
Украина и нејзините поддржувачи ја обвинија Москва дека користи ирански беспилотни летала за напади врз Украина, а Киев дури размислува за прекин на дипломатските односи со Техеран.
Иран ги отфрли обвинувањата, посочувајќи дека тие се базирани врз политички цели.
Столтенберг рече дека НАТО внимателно следи што Иран работи кога е во прашање каква било поддршка на Русија.
„Го повикуваме Иран да не дава ниту дронови ниту ракети. И било каква испорака на проектили, исто така ќе биде во спротивност од Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“, истакна Столтенберг.
Неговите забелешки следуваа ден откако властите на САД изјавија дека имаат голем број докази дека Русија користи ирански дронови во Украина.
„Додека Иран продолжува да лаже и да негира дека ѝ дава оружје на Русија за употреба во Украина, ние сме посветени на работата со сојузниците и партнерите, за да спречиме каков било трансфер на опасно оружје во Русија“, рече портпаролот на Стејт департментот на САД, Нед Прајс.
- Текот на војната во Украина
Во врска со војната во Украина, генералниот секретар на НАТО го рече следното:
„Во основата на сето тоа гледаме дека војната што Русија и претседателот Путин ја водат во Украина, не успеа. Претседателот Путин направи голема грешка со инвазијата на Украина. Тој беше принуден да се повлече од периферијата на Киев и од северните територии на Украина. Потоа започна голема офанзива во Донбас. Овој напад беше запрен од храбрите украински сили и сега Украина може да ги преземе и ги ослободи окупираните територии, во што ние ја поддржуваме.“