БРИСЕЛ
- Шерифе ЧЕТИН
Додека некои кругови го доведуваат во прашање постоењето на НАТО, кој со своето 70-годишно постоење е најдолгиот воен сојуз на меѓународната сцена, Алијансата објави дека НАТО ја прогласува вселената за ново поле на активности, ставајќи потпис на една значајна одлука.
Министрите за надворешни работи на НАТО кои се собраа во Брисел, донесоа одлука покрај воздухот, копното, морето и киберпросторот, да ја вбројат и вселената како ново поле на активности.
Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, за овој чекор изјави: „Алијансата отворено испрати порака дека е посветена на зајакнувањето на својата одбрана и одвраќање на сите полиња.“
- Прва цел е да се подобри можноста за заедничка соработка
Првиот вселенски чекор на НАТО на меѓународно поле дојде во период кога земјите како што се Русија, Кина и Индија започнаа да ги развиваат вселенските системи во вселената.
Споделувајќи ги информациите во врска со одлуката, генералниот секретар Столтенберг истакна дека овој чекор е преземен со цел НАТО да не заостане во технолошкиот напредок на полето на вселената, област која забележува сериозен интензитет и напредок, додавајќи дека со тоа Алијансата ги покажува своите заложби и одлучност да продолжи со адаптацијата и модернизацаијата кон новите предизвици.
Столтенберг посочи дека покрај тоа што вселената ќе се користи во мировни цели, ќе може да се користи и за агресија.
Столтенберг истакна дека и покрај тоа што вселенските активности почнале да влијаат врз секодневниот живот, тие влијаат и на воено поле, и во случај на нивна злоупотреба тие би ги парализирале навигацијата, банкарството и воздушните патувања. Тој подвлече дека вселената во исто време е од клучно значење за одбраната и одвраќањето на Алијансата.
Столтенберг потенцираше дека НАТО во првата фаза сака да го менаџира развојот на сопствената вселенска моќ, додавајќи дека таквата одлука има за цел да ја подобри способноста за заедничка работа меѓу сојузниците.
- НАТО нема да купува сателити
НАТО, кој во периодот од 1970 до 2000 година инвестираше и имаше свои сателитски системи, со новата одлука не планира повторно да купува сателити.
Од 29 земји членки на НАТО, околу 12 земји имаат сопствени сателити. Се претпоставува дека во моментов од 2.000 активни сателити во вселената, половината се во сопственост на сојузниците на НАТО.
НАТО во периодот 2020-2034 година планира да инвестира 1 милијарда евра со цел полесно активирање и користење на сателитите од страна на сојузниците.
Столтенберг изјави дека новата одлука на НАТО е „фокусирана во согласност со духот за одбрана“, подвлекувајќи дека во исто време „нема да се вооружува вселената“.
Истакнувајќи дека вселената ќе биде претворена во ново поле на активности, генералниот секретар на НАТО рече дека Алијансата има за цел подобро да ги искористи вселенските способности што веќе ги имаат сојузниците за да се добие потребната помош при мисии и операции.
- Дискусии околу 5. точка
Членот 5 од статутот на НАТО, кој ветува колективна одбрана на сите сојузници, ги опфаќа останатите полиња на активности, воздухот, копното, морињата и киберпросторот.
По новиот чекор на Алијансата, се дискутира дали заложбите за колективна одбрана важат и за вселената.
На оваа тема НАТО не даде јасно образложение, но истакна дека новата одлука е фокусирана на одбраната, соопштувајќи дека е премногу рано да се дискутира за валидноста на одлуката со членот 5.
- НАТО е загрижен
Сојузниците на НАТО на почетокот од оваа недела се согласија вселената да претставува ново опративено подрачје за Алијансата.
Бруно Лете, инаку висок експерт на „German Marshall Fund“ во Соединетите Американски Држави (САД), за АА изјави дека просторот сè повеќе станува поле на воен интерес.
Лете рече дека овој интерес потекнува од сателитите во вселената, кои имаат воена намена, како што се GPS-сателитите кои им помагаат на тенковите, фрегатите и воените бродови да се движат низ земјите или морињата.
„Овие сателити се осетливи, тие се лоцирани таму незаштитени“, рече тој.
„Франција и САД ги обвинија двата најголеми конкуренти на НАТО, Кина и Русија, дека сакаат да развијат технологии што можат да ги уништат западните сателити“, вели тој.
Лете истакна дека новиот чекор на НАТО во вселената е со цел да ја заштити инфраструктурата таму, посочувајќи на сателитите. „Мислам дека следниот чекор ќе биде развој на политика за тоа“, додаде Лете.