Rania R.a. Abushamala
30 Декември 2025•Ажурирај: 30 Декември 2025
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес објавија крај на своето воено присуство во Јемен поради зголемените тензии на југот на земјата, јавува Анадолу.
„Со оглед на неодамнешните случувања и потенцијалните импликации врз безбедноста и ефикасноста на антитерористичките задачи, Министерството за одбрана објавува дека го прекинува дејствувањето на преостанатите антитерористички тимови во Јемен по своја слободна волја, на начин што ја осигурува безбедноста на својот персонал и во координација со засегнатите партнери“, се вели во соопштението на Министерството.
Претседателот на јеменскиот Совет за претседателско лидерство, Рашад ал-Алими, рано утрово го суспендира заедничкиот одбранбен договор со ОАЕ и даде рок од 24 часа за повлекување на силите на ОАЕ. Тој, исто така, прогласи вонредна состојба во период од 90 дена, заедно со 72-часовна забрана за воздушен и копнен приод кон сите пристаништа и гранични премини.
Овој потег дојде кратко откако коалицијата предводена од Саудиска Арабија во Јемен изведе „лимитиран“ воздушен напад врз два брода поврзани со ОАЕ во пристаништето Мукала во Јемен.
Нападот се случи во услови на зголемени тензии откако Јужниот преоден совет (STC) ги зазеде источните јеменски покраини Хадрамаут и Ал-Махра на почетокот од овој месец по судирите со владините сили.