Maımaıtımıng Yılıxıatı
21 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
РАМАЛА (АА) - Палестинската тинејџерка Ахед ал-Тамими, на која ѝ се судеше поради удирање шлаканица на израелски војник на окупираниот Западен Брег, ја прифати спогодбата со Израелскиот воен суд, според која оваа шеснаесетгодишна девојка ќе помине осум месеци в затвор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Израелскиот дневник „Haaretz“ (Хаарец) наведе дека израелскиот суд и тинејџерката по голем број судски рочишта сепак постигнале спогодба.
Ал-Тамими стана херој на палестинскиот отпор откако на 15 декември удри израелски војник, а нејзината мајка Нериман ал-Тамими, сето тоа го пренесуваше во живо на социјалната мрежа Фејсбук (Facebook).
Израелските војници извршија рација во нејзиното село, по што тинејџерката е уапсена.
Нејзиниот адвокат не ги потврди информациите за судската спогодба, но, претходно изјави дека обвинителството понудило спогодба.
Палестинската тинејџерка имаше 16 години во времето на нападот, а обвинета е по 12 точки, меѓу кои и за физички напад. Нејзината мајка и роднина се исто така уапсени и казнети.
Нејзиниот случај привлече големо меѓународно внимание, а организацијата „Amnesty International“ (Амнести Интернашнал) ја нарече Ал-Тамими палестинска Роза Паркс, афро-американска активистка за човекови права и кројачка која американскиот Конгрес ја прогласи за 'мајка на модерното Движење за човекови права'.