Sümeyye Dilara Dinçer
11 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Полскиот премиер Матеуш Моравиецки го опиша рускиот претседател Владимир Путин како поопасен од Адолф Хитлер и Јосиф Сталин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Моравиецки во изјава за весникот „Дејли телеграф“ упати апел до меѓународната заедница во врска со, како што рече, „монструозната идеологија“ на рускиот лидер Путин.
„Путин не е ниту Хитлер ниту Сталин. Тој, за жал, е поопасен. Путин не само што под своја наредба има смртоносно оружје, туку во свои раце ги држи и медиумите со цел да ја шири својата пропаганда“, нагласи тој.
Моравиецки истакна дека идеологијата за „руски мир“ на Путин е смртоносна закана за цела Европа, упатувајќи апел до меѓународната заедница веднаш да се фокусира во спасување на Украина од влијанието на Путин.
Полскиот премиер, исто така, ги повика сојузниците на Украина да направат повеќе од обезбедување воена поддршка.