Servet Günerigök
19 Јануари 2025•Ажурирај: 20 Јануари 2025
ВАШИНГТОН (АА) - ТикТок ги информираше корисниците во САД дека „засега“ не можат да ја користат апликацијата за споделување видео по забраната, известува Анадолу.
„Жал ни е, ТикТок во моментов е недостапен. Во САД е донесен закон за забрана на ТикТок. За жал, тоа значи дека засега не можете да го користите ТикТок“, се вели во пораката од апликацијата.
„Задоволни сме што претседателот (Доналд) Трамп посочи дека ќе работи со нас на решение за враќање на ТикТок откако ќе ја преземе функцијата. Ве молиме останете со нас“, се наведува во пораката.
На корисниците сè уште им е дозволено да се пријават за да ги преземат своите податоци.
Апликацијата повеќе не е достапна преку „App Store“ или „Google Play Store“.
Компанијата неколку часа претходно објави дека услугите се „привремено недостапни“.
„Жалиме што американскиот закон за забрана на ТикТок ќе стапи на сила на 19-ти јануари и ќе не принуди привремено да ги направиме недостапни нашите услуги“, се вели во пораката до сите корисници на популарната апликација за споделување видео.
„Работиме да ја вратиме нашата услуга во САД што е можно поскоро и ја цениме вашата поддршка. Ве молиме останете со нас“, се додава во пораката.
Врховниот суд на САД во петокот го потврди законот со кој се забранува ТикТок освен ако нејзината матична компанија со седиште во Кина, БајтДенс (ByteDance), „не се одвои од апликацијата“.
Судот пресуди дека ултиматумот за продажба или забрана не ги нарушува правата на компанијата од Првиот амандман на Уставот на САД.
Белата куќа соопшти дека кинеската апликација за социјални медиуми треба да остане достапна во САД, но под американска сопственост за да може да се решат проблемите во врска за националната безбедност.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој покажа симпатии за ТикТок, во понеделник се враќа во Белата куќа за да го започне својот втор мандат, еден ден по истекот на рокот за гаснење на ТикТок.
Извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чу, се очекува да присуствува на инаугурацијата на Трамп.
Законот, усвоен од Конгресот и потпишан од претседателот во заминување Џо Бајден во април минатата година, му даде на БајтДенс 270 дена да се откаже од апликацијата или да се соочи со забрана.