Erbil Başay
27 Август 2022•Ажурирај: 28 Август 2022
БЕРЛИН (АА) - Поројните врнежи од дожд по големите горештини забележани во јужните и источните делови на Германија предизвикаа поплави во оваа земја, известува Агенција Анадолија (АА).
По силниот дожд што почна да врне синоќа во покраината Бранденбург, поплавени се голем број улици и подруми на згради.
Во градот Нојрупин во регионот Источен Пригниц-Рупин поплавена е спортска сала, а на аеродромот Берлин-Бранденбург забележани се проблеми поради неповолните временски услови.
Како што наведуваат локалните медиуми, водата течеше од плафонот во просториите во кои персоналот врши безбедносна проверка на аеродромот Берлин-Бранденбург.
Поплавите се регистрирани и на такси-постојките пред аеродромот, како и во просториите каде компаниите ги оставаат производите на аеродромот.
Поради силниот дожд откажани се и концерти во Берлин, а предвреме е завршен и јавниот фестивал што го организирал германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во палатата „Белви“.
Во покраината Баварија поплавени се стотици подруми и улици.
Германскиот метеоролошки центар (DWD) предупреди дека силниот дожд ќе продолжи и денес на истокот и југот од земјата, , а на некои места се можни врнежи од 30 до 60 литри на час на метар квадратен.