Ekipa
20 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
РОСТОВ (АА) – Продолжува евакуацијата на цивилите од Доњецк и Лугањск, кои се наоѓаат во регионот Донбас, до Ростов, Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Проруските сепаратисти во регионот Донбас во источна Украина наредија масовна евакуација на граѓаните во Русија во петокот вечерта.
„Регионалните власти на Ростов ќе обезбедат 3.274 места во центрите за привремено сместување за граѓаните на народните републики Доњецк и Лугањск (ДПР и ЛПР)“, додаде руската новинска агенција ТАСС.

Водачите на двата сепаратистички региони, Доњецк и Лугањск, тврдеа дека Украина подготвува воена офанзива во регионот и рекоа дека приоритет ќе им биде евакуацијата на жените, децата и постарите лица во регионот Ростов преку границата.
Украина ги отфрли обвинувањата. Командантот на Вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, рече дека Киев не планира никакви офанзивни операции или гранатирање на цивилите во Донбас.
Тензиите драстично се зголемија во источна Украина оваа недела, со јавувања за зголемен број прекршувања на примирјето, повеќе инциденти со гранатирање и евакуација на цивилите од проруските сепаратистички региони Доњецк и Лугањск.
Москва, според украинските власти и НАТО, неодамна распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на украинските граници, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира воена офанзива против својот сосед.
Москва континуирано негира каков било план за напад на Украина и ги обвини западните земји за поткопување на безбедноста на Русија со проширувањето на НАТО кон нејзините граници.