Elena Teslova
25 Март 2022•Ажурирај: 27 Март 2022
МОСКВА (АА) – Третирањето на Русите на Западот поради војната во Украина се како грдото, расистичко прогонство забележано во нацистичка Германија, рече денеска рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот со културните работници, Путин рече дека Западот се обидува „да ја пречкрта Русија“, борејќи се против нејзината култура и забранувајќи ја работата на руските писатели и композитори.
„Денес тие се обидуваат да поништат земја стара илјада години, нашиот народ“, рече Путин.
„Зборувам за прогресивната дискриминација на сè што е поврзано со Русија, за овој тренд што се развива во голем број западни земји – со целосно премолчување, па во одредени случаи, и со охрабрување од владејачките елити.“
Тој нагласи: „Оваа озлогласена „култура на пречкртување“ се претвори во „пречкртување на една култура“. Чајковски, Шостакович и Рахманинов се отстранети од програмите на концертите. Руските писатели и нивните книги се, исто така забранети.“
„Последен пат кога е спроведена толку масовна кампања за уништување на несакана литература беше од нацистите во Германија пред речиси 90 години. Ние добро знаеме и се сеќаваме од снимките од вестите како книгите се палат токму на плоштадите“, рече тој.
– Се надевам дека вистината ќе го пробие својот пат –
Путин истакна дека постои надеж дека вистината „ќе го пробие својот пат“ преку обичните луѓе, наведувајќи го примерот на уличен уметник во италијанскиот град Неапол кој насликал портрет на рускиот писател Достоевски во знак на протест поради тоа што неговите дела биле исклучени од европското книжевно наследство.
„Ваквите потези даваат надеж дека преку меѓусебното сочувство на луѓето, преку културата што нѐ врзува и нѐ обединува сите нас, вистината ќе си го пробие патот, дека уметноста и образованието, како што и треба, ќе ги посеат само паметните, љубезните и вечните“, рече Путин.
Војната на Русија во Украина поттикна протести на Запад против сѐ што е поврзано со Русија, вклучувајќи го и нејзиниот народ.
Меѓу другото, цел беа и руската култура и институциите, на повеќето руски спортски федерации им беше забрането учество на меѓународни натпревари, а на спортистите им е дозволено да се натпреваруваат само со неутрален статус.
Велика Британија ги откажа настапите на Рускиот државен балет на Сибир, Кралскиот московски балет и Балетот „Бољшој“, а диригентот Валери Гергиев, истакнат поддржувач на Путин, беше отпуштен од Минхенската филхармонија.
Американскиот конгресмен Ерик Свалвел, поранешен кандидат за претседател, повика да се исфрли „секој руски студент од Соединетите Американски Држави“, што го повтори и британскиот пратеник Роџер Гејл, кој рече дека сите Руси кои живеат во Велика Британија треба да бидат „испратени дома“.
Русија започна војна во Украина на 24 февруари, што наиде на остра осуда кај меѓународната заедница. ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Според ОН, во војната во Украина загинале најмалку 1.081 цивил, а 1.707 се повредени, но тие предупредија дека вистинската бројка е веројатно многу поголема.
Над 3,7 милиони Украинци ја напуштиле земјата и пребегале во соседните земји, а повеќе од 6,5 милиони се раселени внатре во земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.