Elena Teslova
26 Септември 2022•Ажурирај: 27 Септември 2022
МОСКВА (АА) - Маж отворил оган денес врз Канцеларијата за воена регистрација во рускиот сибирски град Уст-Илимск, во областа Иркутск, соопшти регионалниот гувернер, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Воениот службеник Александар Елисејев е ранет и моментално е на интензивна нега, соопшти гувернерот Игор Кобзев преку Телеграм.
„Денес имаше вонредна ситуација во регионот. Во Уст-Илимск млад човек почна да пука во Канцеларијата за воена регистрација. Воениот комесар Александар Владимирович Елисејев е на интензивна нега во исклучително сериозна состојба. Лекарите се борат за неговиот живот“, напиша тој.
Според Кобзев, напаѓачот веднаш бил приведен „и тој дефинитивно ќе биде казнет“.
Регионалниот истражен комитет преку посебно соопштение истакна дека е отворен кривичен случај за обид за убиство на службеник за спроведување на законот и недозволено стекнување, пренесување, продажба, чување и носење оружје.
Инспекторите работат на местото на инцидентот, а осомничениот е на распит за расветлување на мотивите за нападот.