Ali Cura
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денеска објави тридневен прекин на огнот за евакуација на цивили од фабриката за челик „Азовстал“ во украинскиот пристаништен град Мариупол на Црното Море, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението Министерството информира дека ќе биде отворен коридор за евакуација во областа Азовстал, во согласност со одлуката донесена од руската администрација „заснована на хуманитарни принципи“.
„Руската армија отвори хуманитарен коридор за евакуација на цивили, вклучувајќи работници, жени и деца, од централата „Азовстал“ во периодот 5 - 7 мај, од 8 до 18 часот“, се наведува во соопштението.
„На цивилите што ќе бидат евакуирани ќе им биде дозволено да одат на руска територија, како и во областите под контрола на Киев“, се додава.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека украинските сили заробени во фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол го искористиле прекинот на огнот за да заземат огнени позиции.
„Најавен е прекин на огнот за безбедна евакуација на цивилите. Азовистите [припадници на Баталјонот „Азов“], припадниците на украинските вооружени сили кои се во кругот на железарницата „Азовстал“, ги напуштија подрумите и зазедоа позиции во дворот и во објектите на фабриката“, изјави претставникот на Министерството, Вадим Астафјев за новинарите во Мариупол.
Руското Министерство за одбрана во неделата соопшти дека над 80 цивили, вклучувајќи жени и деца, го напуштиле подрачјето на Азовстал, додека украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека 100 луѓе кои ја напуштиле фабриката, се упатиле кон регионот Запорожје.
Најмалку 3.238 цивили се убиени, а 3.39 се повредени во Украина откако Русија започна војна против земјата на 24 февруари, според проценките на ОН. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Повеќе од 5,6 милиони луѓе побегнале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени, покажуваат податоците на Агенцијата за бегалци на ОН.