Elena Teslova
01 Март 2023•Ажурирај: 02 Март 2023
МОСКВА (АА) - Русија денес ја обвини Украина дека подготвува нуклеарни провокации, тврдејќи дека е доставен радиоактивен материјал до украинските пристаништа во Одеса и Черноморск, пренесува Анадолу.
„На 16 февруари контејнери со радиоактивни материи и етикети на англиски јазик беа испорачани од територијата на една од европските земји до пристаништето во Черноморск [регионот Одеса], избегнувајќи ја царинската инспекција“, соопшти руското Министерство за надворешни работи, цитирајќи украински медиуми.
Се додава дека на 19 февруари слични контејнери со радиоактивна супстанција „Калифорниум-252“, која активно се користи за проверка на интегритетот на нуклеарните реактори, биле доставени до пристаништето во Одеса.
Според Министерството, системот за мониторинг на радиоактивност бил оневозможен во моментот на менаџирање со товарот.
„Како резултат на новинарска истрага беше утврдено дека добавувач на оваа радиоактивна супстанца е американската компанија Фронтиер технолоџи корп., која се занимава со производство на контејнери за радиоактивни изотопи, особено извори на неутронско зрачење“, се вели во соопштението.
Министерството цитираше украински блогери кои изразиле загриженост поради можноста за испорака на компоненти за модификација на муницијата „дури и за производство на валкана бомба“.
Дипломатската служба потсети на претходните предупредувања на руското Министерство за одбрана дека Украина подготвува нуклеарни провокации со цел да ја обвини Москва за напади врз објекти опасни за радијација, што може да доведат до истекување на радиоактивни материи и контаминација на областа.
Министерството соопшти дека информациите за можни нуклеарни провокации одекнале меѓу Украинците и жителите на соседните земји од Источна Европа.
„Не може, а да не предизвика загриженост што вакви настани се случуваат во непосредна близина на Приднестровие, околу која режимот во Киев намерно ги зголемува тензиите.
Не треба да заборавиме дека споменатите пристаништа на Украина се вклучени во договорот за извоз на жито. Неволно се поставува прашањето дали овие пристаништа, и воопшто хуманитарниот коридор, се користат за некои други цели“, наведуваат од Министерството.
Оттаму истакнаа дека украинските власти не ги коментираат информациите, тврдејќи дека тоа може да значи дека Киев „е подготвен да го искористи секој изговор за ескалација на конфликтот за да добие воена и финансиска помош од Западот“.
„Нему [украинскиот претседател Владимир Зеленски] не му е грижа што таквите авантури можат да доведат до катастрофални последици и масовна смрт на луѓе“, се вели во соопштението.
Во него се повикуваат релевантните меѓународни тела да обрнат големо внимание на информациите за можни провокации со нуклеарни материјали и го предупреди Киев од „непромислени дејствија кои ќе ги доведат во опасност животите и здравјето на илјадници цивили“.