Handan Kazancı
27 Февруари 2020•Ажурирај: 28 Февруари 2020
РИЈАД (АА) - Саудиска Арабија привремено го затвори влезот во земјата за муслиманите што доаѓаат да извршат умра (посета на светите места во Мека и Медина), поради страв од ширење на смртоносниот коронавирус (Ковид-19), објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Цитирајќи го Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија, арапски новински веб-сајт објави дека забраната исто така важи и за оние што доаѓаат во посета на Џамијата на Божјиот пратеник во Медина.
Умра може да се извршува во кој било период од годината.
Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека во изминатите 24 часа починале 29 заразени лица, со што бројот на починати од заразување со опасниот вирус во таа земја се зголеми на 2.746.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави и брзо се прошири во кинескиот град Вухан, а случаи на заразување се потврдени во повеќе од 30 земји низ светот.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност, а бројни авиокомпании ги запреа летовите кон Кина. Болеста официјално е наречена Ковид-19 (COVID-19).