Hacer Başer
05 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
РИЈАД (АА) - Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, допатува во работна посета на Саудиска Арабија, а со срдечна прегратка беше пречекан од саудискиот принц, престолонаследникот Мухамед бин Селман, јавува Агенција Анадолија (AA).
Катарскиот емир Ал Тани ја предводи делегацијата на земјата на 41. заседавање на Советот за соработка на земјите од Заливот, а на аеродромот во градот Ал Ула беше пречекан од саудискиот принц Бин Селман.
Саудиската новинска агенција (СПА) објави снимка од пречекот, на која се гледа како двајцата лидери се поздравуваат и прегрнуваат, што е толкувано како крај на кризата во односите во тој регион.
Министерот за надворешни работи на Кувајт, Ахмед Насер ал Мухамед ал Сабах, вчера соопшти дека Саудиска Арабија и Катар постигнале договор за отворање на копнените, морските и воздушните граници почнувајќи од вечерва.
Саудискиот престолонаследник, принцот Бин Селман, истакна дека самитот на Советот за соработка на заливските земји ќе биде самит на единството во регионот.
Последниот самит на Советот на кој присуствуваше и емирот на Катар се одржа на 5 декември 2017 година, а домаќин беше Кувајт.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин и Египет на 5 јуни 2017 година го обвинија Катар за поддршка на терористички групи, ги прекинаа сите дипломатски односи со земјата и воведоа економско ембарго. Катар ги отфрли сите обвинувања на споменатите земји, а во Заливот дојде до криза.
Кувајт од почетокот на кризата посредуваше со цел да се постигне решение.