Adam Abu-bashal,Abdirahman Mugare
13 Февруари 2021•Ажурирај: 14 Февруари 2021
МОГАДИШУ
Најмалку седум лица се ранети во силната експлозија на контролниот пункт на влезот во зградата на Парламентот во Сомалија, наведено е од полицијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Самоубиецот, управувајќи со возилото, помина покрај безбедносниот пункт на подрачјето Дабка, а полицијата отвори оган. Најмалку седум луѓе се ранети, осум автомобили и девет рикши (вид превозно средство) се уништени во утринскиот бомбашки напад во Могадишу“, соопштија од локалната полиција.
Нападот беше насочен на безбедносниот контролен пункт во близина на Сајидка, на најфреквентниот пат Мака ал-Мукарам во Могадишу.
Сајидка се наоѓа неколку чекори од седиштето на Парламентот на Сомалија и во близина на Претседателската палата во Могадишу.
Сомалиската полиција не пријави смртни случаи во самоубиствениот бомбашки напад, но локалните медиуми велат дека се убиени најмалку пет лица.
Гласноговорникот на полицијата, Садик Адан Али, претходно ја потврди експлозијата на бомбата.
„Полицијата, останатите безбедносни сили и болничари стигнаа до местото на настанот и патот што води до Претседателската палата беше затворен“, рече Али.
Терористичката организација Ал-Шабаб често организира напади насочени кон безбедносните сили и цивилните подрачја во Сомалија.