Dmitri Chirciu
01 Ноември 2019•Ажурирај: 04 Ноември 2019
МОСКВА (АА) - Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, истакна дека НАТО прави деструктивни работи во насока на украинското прашање, и рече дека апелите упатени до Киев за влегување во НАТО ја провоцираат поделбата на Украина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Захарова објавено на интернет-страницата на руското Министерство за надворешни работи, се говори за чекорите на НАТО во врска со Украина.
Захарова потсети дека пред еден ден генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја посетил Украина, нагласувајќи дека функционерите на НАТО неосновано ја обвинуваат Русија.
Таа рече дека НАТО не внимава на напорите вложени за решавање на украинското прашање во рамки на договорите од Минск.
„НАТО дејствува деструктивно и прави чекори за зголемување на степенот на тензиите“, додаде таа.
Захарова истакна дека НАТО не може да ги реши постоечките прашања во Украина.
„Апелите упатени кон Киев за влегување во НАТО ја провоцираат поделбата на оваа земја“, нагласи Захарова.