Fatih Hafız Mehmet
01 Ноември 2019•Ажурирај: 02 Ноември 2019
АТИНА (АА) - Грчкиот Парламент го донесе спорниот нов Закон за азил, со цел да се контролира бројот на мигранти кои влегуваат во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Законот има за цел да го олесни притисокот врз источните острови во Егејското Море преку забрзување на процедурите потребни за враќање на мигрантите кои не ги исполнуваат условите за добивање азил, во Турција.
Законот беше поддржан од пратениците на владејачката Нова демократија и партијата Движење на промени.
Коалицијата на радикалната левица (СИРИЗА), грчката Комунистичка партија (ККЕ), Грчко решение и Мера25 гласаа против Законот.
Гласањето уследи по напнатата дебата помеѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас.
„Законот за азил дава јасна порака: Оние кои знаат дека не заслужуваат азил, туку се обидуваат да влезат и да останат во нашата земја, повеќе нема да бидат толерирани“, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер се заложи дека ќе заземе многу построг став од претходната левичарска Влада на СИРИЗА, и вети дека до крајот на 2020 година ќе депортира околу 10.000 мигранти.
Според неколку организации за човекови права, состојбата на некои грчки острови е драматична.
Организацијата „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) соопшти дека од почетокот на 2019 година, на островите во Егејското Море од Турција стигнале 53.462 баратели на азил, што е пораст во споредба со истиот период минатата година кога имаше 42.010 баратели на азил.
Оттаму додаваат дека состојбата на грчките острови, каде што 34.400 жени, мажи и деца престојуваат во исклучително лоши услови, достигнала критична точка.
Дуња Мијатовиќ, комесарката за човекови права во Советот на Европа, вчера, по посетата на камповите на островите Лезбос и Самос, изјави дека состојбата е драматично влошена и изрази загриженост дека Законот може да доведе до злоупотреба на човековите права.