Muhammet Tarhan
24 Јануари 2023•Ажурирај: 25 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Туркије најостро го осуди нападот на оштетување на Куранот во Хаг, Холандија, а Џоеп Вајнандс, амбасадорот на Холандија во Анкара, беше повикан во турското Министерство за надворешни работи (МНР), каде му е врачена протестна нота поради овој инцидент, јавува Агенција Анадолија (АА).
Едвин Вагенсвелд, лидер на холандското движење Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот (ПЕГИДА), викендов го искина Куранот во Хаг. Поради овој настан се огласи и МНР на Туркије.
„Најостро го осудуваме гнасниот напад на антиисламската личност насочен кон нашата света книга Куран во Хаг, Холандија на 22 јануари. Овој гнасен чин што ги навредува нашите свети вредности и вклучува злосторство од омраза, по Шведска, овој пат во Холандија, е јасна објава дека исламофобијата, дискриминацијата и ксенофобијата не познаваат граници во Европа“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека ваквиот чин е директно насочен кон основните права и слободи, духовните вредности и социјалната толеранција не само на муслиманите туку и на целото човештво, при што се додава дека ваквите настани и штетат на културата на заедничко живеење во мир.
Во соопштението се додава дека холандскиот амбасадор во Анкара бил повикан во турското МНР и му била упатена осуда и протест против овој грозоморен и одвратен чин.
Беше посочено дека се очекува холандските власти да ги преземат неопходните активности против сторителите на инцидентот и да спроведат конкретни мерки за да се спречи повторување на вакви инциденти.
Вагенсвелд сподели видео на својот Твитер во 14:00 часот по локално време во неделата како го кине Куранот пред зградата на собранието во Хаг.
За време на инцидентот бил сам и сѐ се одвивало под полициска заштита. Тоа му било дозволено под услов да не го запали Куранот по примерот на саботниот инцидент во Шведска.
Во продолжение се видело дека искинатите страници на Куранот биле запалени во тепсија на друга локација.
Овој инцидент следи по саботниот инцидент во Шведска.
Расмус Палудан, лидерот на екстремно десничарската данска партија Страм Курс, во саботата запали примерок од Куранот пред турската амбасада во Стокхолм. За време на палењето на светата исламска книга, Палудан бил опколен од бројни припадници на полицијата.