Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
12 Ноември 2020•Ажурирај: 13 Ноември 2020
АНКАРА
Турското Министерство за надворешни работи синоќа ја отфрли како ништовна и неважечка неодамнешната изјава на Грција за турскиот брод за сеизмичко истражување, кој истражува во турските води во Источниот Медитеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој, објави соопштение во кое одговара на тврдењето на грчкото Министерство за надворешни работи дека неодамнешните активности на истражувачкиот брод Оруч Реис претставувале прекршување на меѓународното право и ги поткопувале мирот и стабилноста во регионот.
„Овие изјави се базираат на грчките максималистички тврдења за границата со морето кои се спротивни на меѓународното право и обичаите, и за нас [Турција] се ништовни“, тврди Аксој.
Нагласувајќи ја одлучноста на Турција да ги заштити своите легитимни права и интереси, како и интересите на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Аксој ја повика Атина да го прифати повикот за дијалог без предуслови.
„Доколку Грција е искрена со своите изјави во кои се повикува на решение во регионот, тогаш треба да одговори позитивно на нашите повици за дијалог без предуслови наместо да дава изјави што ќе ги зголемат тензиите, извршува воени активности или доведува во заблуда и провоцира трети страни против Турција.
Турција издаде уште еден навигациски телекс, Навтекс, за подрачјето од Источен Медитеран каде што ќе спроведува сеизмички истражувања до 23 ноември.
Мисијата која ќе биде спроведена со бродот Оруч Реис, ќе трае 12 дена почнувајќи од вчера.
Тој ќе спроведе разни геолошки, геофизички, хидрографски и океанографски истражувања, особено на континенталниот гребен, како и потрага по природни ресурси.
Навтекс е поморски комуникациски систем кој им овозможува на бродовите да ги информираат другите пловила за нивното присуство во одредена област, како и за приложување други информации.
Во август, Турција продолжи со истражувањата на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, откако Грција и Египет потпишаа спорен договор за поморско разграничување, отфлајќи го гестот на добра волја на Турција за запирање на нејзината потрага по ресурси.
Прогласувајќи го грчко-египетскиот договор за ништовен, Турција му наложи на бродот „Оруч Реис“ да продолжи со своите активности во подрачјето во границите на турскиот континентален гребен.