Fatih Erel
25 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Турскиот амбасадор на ОН во Женева, Наџи Кору, денес упати повик до Мјанмар да им помогне на Рохинџите бегалци да се вратат од Бангладеш во своите домови, јавува Anadolu Agency (AA).
„ОН постојано упатува повик до Владата на Мјанмар да им помогне на Рохинџите бегалци да се вратат во своите домови“.
„Се надевам дека Владата на Мјанмар ќе обрне внимание на овие повици и муслиманите Рохинџа кои живеат во тешки и сурови услови во Бангладеш, ќе можат да се вратат во своите домови. Се надеваме дека тоа ќе се случи“, изјави Кору за АА.
Неговите изјави дојдоа по Меѓународната донаторска конференција за муслиманите Рохинџа, која заврши во понеделникот, каде што Турција соопшти дека ќе обезбеди 50 милиони долари за бегалците.
„Турција никогаш нема да ги напушти Рохинџите“, истакна Кору.
Тој нагласи дека Турција им помага на Рохинџите уште од почетокот на кризата, и посочи дека Мјанмар и Бангладеш ќе играат клучна улога при помагањето на бегалците да се вратат во своите домови.
Високиот комесаријат за бегалци на ОН во понеделникот ја поздрави Турција како дарежлив хуманитарен донатор поради залагањето за поддршка на Рохинџа бегалците.
„Би сакал да кажам дека Турција продолжува да биде великодушен хуманитарен донатор на глобално ниво, покрај тоа што е земја-домаќин на најголем број бегалци во светот“, изјави Филипо Гранди за АА.
Кору на конференцијата изјави: „Во рамките на програмата за хуманитарна помош, планираме да изградиме среднорочни засолништа за 100.000 лица, на површина од 3 милиони квадратни метри, да обезбедиме две теренски болници, 10 здравствени центри и центри за семејно здравје, да обезбедиме вода за пиење и свежа храна“.
„Заедно со планираните проекти и испораки, вкупната сума на хуманитарна помош што ќе ја обезбеди Турција ќе надмине 50 милиони долари“, додаде тој.
Кору истакна дека за кризата со Рохинџите е потребна итна и координирана акција, и рече: „Ние сме посветени да продолжиме со нашата поддршка за Рохинџа муслиманите, во блиска соработка со властите на Бангладеш“.
Шефот на Турската управа за катастрофи и вонредни состојби (AFAD), Мехмет Ѓулуоглу, на Меѓународната донаторска конфереција за АА изјави дека Турската црвена полумесечина собрала повеќе од 5,4 милиони долари за Рохинџите.
Само АФАД од 2012 година има собрано 16,2 милиони долари. Другите хуманитарни групи, како Фондацијата за хуманитарна помош (ИХХ) беа исто така активни во помагањето на Рохинџите.
На конференцијата во Женева, претставник на ИХХ, Таха Кешкин изјави: „Со задоволство објавуваме дека за 2017 и 2018 година ќе им доделиме 10 милиони американски долари на Рохинџите. Ќе продолжиме да ги спроведуваме нашите проекти од различни кластери преку локалните организации во Бангладеш и Мјанмар“.
Според ОН, на конференцијата беа собрани 344 милиони долари наменети за хуманитарна помош за Рохинџа бегалците
„Оваа сума покажува дека недостасуваат 90 милиони долари од потребните 434 милиони долари, според процените, за задоволување на потребите до февруари 2018 година, но повеќе од половина од таа сума, односно 50 милиони долари ќе бидат донирани во форма на производи и услуги“, се вели во соопштението на ОН по конференцијата.