Dmitri Chirciu
26 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Најмалку двајца цивили загинаа кога станбена зграда во Киев, главниот град на Украина, беше погодена од проектил, соопшти Министерството за одбрана на Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Украина наведе дека најмалку две лица ги загубиле животите, а четири се ранети.
Портпаролот на украинската Државна служба за вонредни ситуации претходно информираше дека повеќекатница во киевската населба Лобановски е погодена со проектил во осум часот наутро по локално време.
Светлана Водолага, портпаролката на Државната служба за вонредни ситуации во Киев, за АА изјави дека оштетените станови се наоѓаат меѓи 16. и 20. кат од зградата, при што 6 стана во потполност се уништени.
„Во зградата избувна пожар. Вкупно 80 луѓе се евакуирани од зградата“, рече Водолага.
Министерот за внатрешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба, на социјалната мрежа Твитер објави: „Киев, нашиот сјаен, мирен град, преживеа уште една ноќ под нападите на руските копнени сили и проектили. Еден од нив погоди станбена зграда во Киев. Барам од светот потполна изолација на Русија, протерување на амбасадорите, нафтено ембарго и уништување на економијата.“
Руската воена интервенција во Украина влезе во третиот ден, со извештаи од локалните медиуми за судири на руските трупи со украинските сили во главниот град Киев во текот на целата ноќ.
Русија го сврте вниманието на јавноста така што кон крајот на 2021 година започна да распоредува десетици илјади војници на границата со Украина. САД тврдеа дека Русија се подготвува за инвазија, но официјална Москва тоа упорно го негираше. Додека западните земји ѝ се закануваа на Русија со санкции, московската администрација ги призна сепаратистичките власти во Донбас и на 24 февруари започна воена операција на територијата на Украина.
Рускиот лидер Владимир Путин ја повика украинската Војска да го предаде оружјето, тврдејќи дека целта на Москва е „да ги заштити луѓето кои биле изложени на геноцид од страна на Киев и да ја исчисти Украина од нацизам и милитаризам“.