Ebru Şengül
16 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
КИЕВ (АА) - Украинската влада вчера прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор поради недостаток на јаглен, што би можело да предизвика рестрикција на електричната енергија ширум земјата, соопшти премиерот на земјата Владимир Гројсман по вонредната седница на Владата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Гројсман истакна дека кабинетот донел одлука да се прогласи вонредна состојба, но дека ќе се обиде да ги намали негативните последици што ќе произлезат од оваа одлука.
Исклучување на струјата е планирано во седум подрачја, вклучувајќи ги и Киев, Харков, Днепропетровск, Черниговски, Запорожје, Суми и Черкаси.
Јагленот антрацит, којшто се користи за производство на електрична енергија во термоцентралите, Киев го купува од регионот Донбас во источниот дел на земјата, кој е под контрола на проруските сепаратисти.
Проблемот настана кога пред две недели украински групи блокираа железничка пруга којашто го поврзува со јаглен богатиот источен дел со остатокот од земјата, со цел да се наштети на економијата на проруските сепаратисти, наведуваат локалните медиуми.
Оттогаш, недостатокот на јаглен во термоцентралите ескалираше до критична точка загрозувајќи го производството на електрична енергија.
Вонредната состојба ќе биде во сила еден месец, и може да се продолжи до максимум два месеци, соопшти украинскиот министер за енергетика, Игор Насалих. Тој нагласи дека е најитно жителите да се обидат да ја намалат потрошувачката на енергија, и во домаќинствата и во индустријата.
„Ние ќе започнеме со рестрикции со цел да го урамнотежиме украинскиот енергетски систем, доколку се покаже дека штедењето не е доволно“, предупреди министерот.